Зоран Јаневски со нов мандат на чело на МААВЗК, најавена натпреварувачка сезона 2026
Македонска Асоцијација на Аматерски Велосипедски Здруженија и Клубови – МААВЗК вчера во Велес го одржа своето редовно годишно собрание, на кое досегашниот претседател Зоран Јаневски доби нов двегодишен мандат.
Доверба за нови две години им беше изгласана и на секретарот Живко Гурев од Тиквешки Точакџии – Кавадарци, како и на потпретседателите Горанче Богоевски од Macedonian Bike Riders – Скопје и Даниел Гарбески од Вело Че – Прилеп. Поддршка добија и останатите членови на Управниот и Надзорниот одбор.
На собранието беше усвоен и новиот календар на велосипедски настани за 2026 година, кој предвидува организација на 26 велосипедски трки и оутдоор фестивали низ државата, во организација на членките на Асоцијацијата.
Годинава за првпат се воведува и натпреварувачки дел во рамки на Асоцијацијата, со што официјално се отвора Натпреварувачката сезона 2026. Овој чекор, како што беше истакнато, ќе овозможи афирмација на голем број велосипедисти кои имаат потенцијал за врвни спортски достигнувања.
„Со воведување натпреварувачки систем во рамките на Асоцијацијата и негово интегрирање во секој вело-настан, очекуваме да привлечеме големо внимание во велосипедската заедница во Македонија и во регионот“, изјави претседателот Зоран Јаневски.
Според календарот, сезоната започнува на 22 март во Штип, а ќе заврши на 1 ноември во Валандово. Во наредниот период се планира формирање на повеќе комисии и работни групи кои, преку волонтерска ангажираност и стручна посветеност, ќе воспостават систем и правила според кои ќе се организираат сите натпреварувачки настани.
МААВЗК во моментов обединува 26 велосипедски здруженија и клубови од земјата, со повеќе од 800 активни велосипедисти, што ја позиционира како значаен двигател на аматерскиот велосипедизам во државата.
Здружението Рупикапра МТБ од Струга на 5 јули ќе организира искачување со велосипеди на Бабин срт и на 30 август настан на планината Јабланица кој ќе биде вистинско изненадување.
StrugaOnline

