Лев банер Десен банер

Ќура: За 100 дена го намаливме долгот за 250.000 евра и воведовме строга буџетска дисциплина

Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, денеска го презентираше извештајот за првите 100 дена од неговото владеење, оценувајќи дека иако периодот е краток, доволен е за да се покаже „правецот, сериозноста и волјата за промена“.

Ќура истакна дека при преземањето на функцијата се соочиле со тешка финансиска состојба и висок акумулиран долг, чија точна бројка ќе биде утврдена по завршувањето на внатрешната и надворешната ревизија.

Според наодите од внатрешната ревизија, во изминатите десет години од страна на двајцата претходни градоначалници останал ненаплатен општински данок во износ од 7,3 милиони евра.

„Првиот чекор беше запирање на финансиското ‘крварење’. Воведовме итна буџетска дисциплина, строг надзор врз трошоците и приоритетно сервисирање на обврските“, изјави Ќура, додавајќи дека за три месеци долгот е намален за околу 250.000 евра.

Тој посочи дека се прекинати непотребните трошоци, при што трошоците за репрезентација, кои минатата година изнесувале над 11.000 евра, сега се сведени на нула. Намалени се и трошоците за гориво, а паралелно се работело на зголемување на приходите од даноци од физички и правни лица.

Во изминатите 100 дена, како што информираше градоначалникот, реализирани се повеќе активности на терен:

  • Решен е проблемот со јавното осветлување.

  • Отстранети се хоризонталните бариери од кејот на реката.

  • Исчистени се одводните канали со цел превенција од поплави.

  • Интензивирана е замената на азбестните цевки и градежните активности во градот.

  • Прилагодени се тротоари за лица со инвалидска количка.

  • Обезбедени се 8.300 корпи и пет камиони како донација од Министерство за животна средина и просторно планирање.

  • Обезбедена е цистерна за миење улици и два камиона со поддршка од Програма за развој на Обединетите нации (УНДП).

  • Добиена е приватна донација од 1.300 садници за озеленување.

  • Спроведени се тендери за повеќе улици и инфраструктурни проекти, меѓу кои и патот Мислешево–Требеништа и улицата „Источна колекторска“, за која се обезбедени 2,2 милиони евра.

  • Во завршна фаза е проектот за атмосферска мрежа кон плажата кај „Еурохотел“, вреден околу половина милион евра.

  • Во наредните денови започнува проектот за канализација во Враништа во вредност од 1,5 милиони евра.

Дополнително, отстранети се околу 90 хаварисани и неподвижни возила од јавни површини, а процесот продолжува.

Според Ќура, во институцијата се воведени ред и процедури. Во првите 100 дена издадени се 40 градежни дозволи, 20 предмети се во обработка, а околу 25 се одбиени поради неисполнување на законските услови.

Како најголем предизвик го посочи проблемот со водата за пиење. По извршените проверки било утврдено дека изворската зона не била законски заштитена, по што е покрената иницијатива за нејзина заштита и запрени се активности во близина на изворот. Воедно, била отстранета и дива депонија во непосредна близина.

Градоначалникот информираше и дека по негово барање, Општина Струга е ставена на листата за државна ревизија за оваа година, која се очекува да се реализира во јуни.

„Го избравме патот на отчетноста, а не на прикривањето. Овие 100 дена се само почеток на процесот на финансиска стабилизација и враќање на довербата на граѓаните“, порача Ќура.

StrugaOnline

error: