Лев банер Десен банер

Учениците од ООУ „Јосип Броз Тито“ Струга со врвни признанија на фестивалот „Зборови што растат“

Учениците од ООУ „Јосип Броз Тито“ Струга постигнаа значаен успех на Меѓународниот литературен фестивал за деца и млади „Зборови што растат“, кој се одржа на 25 февруари 2026 година на тема „Мојот најубав ден“.

Фестивалот, во организација на дипломираната писателка Милица Паулус, претставува инспиративна платформа каде младите автори ги претвораат своите мисли во зборови, а зборовите — во светови исполнети со чувства, идеи и богата имагинација.

Струшките ученици блеснаа со својата креативност и литературна зрелост, освојувајќи високи признанија:

  • Јаков Скепароски ја освои Гран при наградата за прозна творба, оставајќи силен впечаток со длабочината и уметничката изразност на својот текст.

  • Мина Краљ е добитничка на престижна награда за поезија, со стихови исполнети со нежност, искреност и богат емоционален свет.

  • Ангел Јанески ја освои наградата за најубава тематска творба во областа на поезијата, потврдувајќи дека младата мисла може да биде силна, прониклива и инспиративна.

Ментор на наградените ученици е наставничката Елизабет Барануаи-Кукунешоска, чија посветеност и поддршка имаат значајна улога во развојот на младите литературни таленти.

Од ООУ „Јосип Броз Тито“ велат дека овој успех претставува доказ дека љубовта кон пишаниот збор расте и се развива, создавајќи нови генерации млади творци кои храбро чекорат по патот на литературата. Наградите не се само признание за вложениот труд, туку и силен поттик за понатамошно творење, истражување и верба во сопствениот глас.

Со гордост им честитаме на наградените ученици и им посакуваме нивните зборови да продолжат да растат, да инспирираат и да оставаат трага, додаваат од ООУ „Јосип Броз Тито“ Струга.

StrugaOnline

error: