Општина Струга го продава службеното Ауди A6 – аукцијата стартува на 16 март
Од 16 март 2026 година ќе започне продажбата на службеното возило на Општина Струга – автомобил од марката Ауди A6, кое во изминатиот период стана вирално во медиумите во земјата и регионот како автомобилот „со волан од змиска кожа“, но и како „убавата кола“.
Со продажбата на овој подвижен имот, Општина Струга планира да обезбеди финансиска ликвидност во буџетот. Средствата добиени од аукцијата ќе бидат искористени за набавка на комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација, како и на спортските клубови во градот.
Од Општина Струга информираат дека на 16 март 2026 година, со почеток во 10:00 часот, на интернет страницата e-stvari.mk ќе се одржи електронска аукција за продажба на патничко моторно возило – автомобил тип Ауди, модел A6.
Огласот бр. 1/2026 за продажба на подвижни предмети преку електронска аукција (прва објава) веќе е објавен и во Службен весник на Република Македонија.
Според проценката на овластен експерт, почетната вредност за наддавање изнесува 1.344.636 денари, односно околу 21.800 евра.
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, од првиот ден по преземањето на функцијата не ги користел автомобилите од возниот парк на општината, со цел, како што велат од локалната самоуправа, максимална рационализација на трошоците кои се акумулирале во изминатите години.
Од општината воедно повторно ги демантираат претходно објавените информации во јавноста дека почетната проценка на возилото е под пазарната цена.
„Ги покануваме сите заинтересирани страни да учествуваат на аукцијата. На самата платформа ќе бидат објавени сите информации за возилото, како и упатствата за аплицирање“, информираат од Општина Струга.
Во наредниот период ќе бидат објавени и деталните спецификации за возилото, како и комплетната придружна документација.
StrugaOnline

