Лев банер Десен банер

ООУ „Јосип Броз Тито“ Струга со успешна образовна мобилност во Турција

Основното училиште „Јосип Броз Тито“ од Струга успешно ја реализираше својата мобилност во Турција во рамките на проектот „Корени кои се протегаат до ѕвездите на Европа со своите гранки“, при што тим од 8 наставници и 12 ученици помина една исполнета и инспиративна недела во Даламан и Анталија.

Мобилноста започна со поделени активности во двете турски дестинации. Во Даламан, учениците и наставниците го посетија центарот за деца со посебни потреби во Фетије, каде се запознаа со современи методи на работа и инклузивно образование. Во исто време, групата во Анталија го посети училиштето „Adalya Koleji“, каде остварија средби со наставниот кадар и се информираа за образовниот систем.

Во текот на вториот ден, учесниците имаа свечен пречек во „Dalaman Ege Anaokulu“, каде го презентираа своето училиште и градот Струга, по што добија благодарници од локалните образовни власти. Истовремено започнаа и обуките во „Pixie Academy“, фокусирани на европски вредности, човекови права и демократија, реализирани преку интерактивни работилници.

Третиот ден беше во знакот на обединување на двете групи во Анталија, по што следуваше културна програма со посета на „Dokumapark“ и разглед на стариот дел на градот – Калеичи, каде учениците се запознаа со богатото културно наследство.

Во наредните денови, наставниците продолжија со обуки за инклузивно образование, додека учениците активно работеа на теми поврзани со Европската Унија и програмата „Еразмус+“. Дел од програмата беше и заедничката екскурзија до античкиот град Сиде, како и посетата на тематскиот парк „The Land of Legends“.

Мобилноста заврши со заедничка работилница за рефлексија и свечена церемонија во училиштето домаќин, каде на сите учесници им беа доделени сертификати за учество.

Учесниците се вратија во Струга збогатени со нови знаења, искуства и пријателства, подготвени да ги применат стекнатите вештини и да продолжат со промоција на европските вредности во своето образование.

StrugaOnline

error: