Лев банер Десен банер

Вевчани ќе биде домаќин на 24-тата пензионерска ревија на песни, музика и игри

Во Вевчани ќе се одржи 24-тата Регионална ревија на песни, музика и игри за пензионери, откако здружението на пензионери од ова место ја доби довербата да биде домаќин на манифестацијата за 2026 година.

По тој повод, на 7 април во ресторанот „Пелвец“ се одржа консултативен состанок со претставници од здруженијата на пензионери од осмиот регион, кој ги опфаќа Струга, Охрид и Дебарца, Македонски Брод, Кичево, Дебар и Центар Жупа, Гостивар, Лабуништа и Вевчани. На средбата се разговараше за организациските подготовки и критериумите за учество, согласно препораките на Комисијата за културно-забавен живот при Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија.

Претседателот на Здружението на пензионери Вевчани, Витомир Костојчиноски, истакна дека оваа манифестација претставува значаен културен настан и можност за дружење, размена на искуства и негување на традицијата меѓу пензионерите. Тој ги презентираше правилата и програмата што ќе се реализираат за време на ревијата.

На состанокот присуствуваа претставници од повеќе здруженија, меѓу кои од Струга, Охрид, Лабуништа, Дебар, Кичево, Гостивар и Македонски Брод, кои активно учествуваа во подготовките за настанот.

Со ждребање беше утврден и редоследот на настапите: по отворањето од страна на домаќините од Вевчани, ќе настапат здруженијата од Македонски Брод, Кичево, Лабуништа, Дебар, Гостивар, Струга, Охрид и Дебарца, а ревијата ќе заврши повторно со настап на домаќините.

Организаторите најавуваат богата програма исполнета со музика, песна и игри, доделување благодарници за учесниците, како и заедничко дружење. Во рамки на настанот ќе биде организирано и дефиле на учесниците низ плоштадот во Вевчани.

Ревијата е планирано да се одржи во текот на мај (19 или 21 мај), а Вевчани уште еднаш ќе ја потврди својата репутација како успешен организатор на културни манифестации.

Текст и фото: СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

StrugaOnline

error: