Општина Струга ќе инвестира во нов соларен систем во Шум за стабилно водоснабдување
Општина Струга продолжува со вложувања во одржливи решенија, најавувајќи нов проект за поставување соларен систем во селото Шум кој ќе обезбеди стабилно водоснабдување. Станува збор за иницијатива што има за цел подобрување на енергетската ефикасност и сигурноста на водоводната мрежа во Општина Струга.
Во рамки на подготовките, на терен беа извршени мерења за утврдување на најсоодветната локација за поставување на фотонапонските панели. Во активностите учествуваа вработени од Одделението за локален економски развој, заедно со директорот на јавното претпријатие задолжено за водоснабдување.
Инаку, на истата локација претходно беа поставени фотонапонски панели, кои во меѓувреме беа украдени. Надлежните информираат дека случајот сè уште не е расчистен, но нагласуваат дека тоа нема да го попречи реализирањето на новата инвестиција.
Проектот се оценува како значаен чекор кон поголема употреба на обновливи извори на енергија и подобрување на квалитетот на живот за жителите на Општина Струга. Со новиот соларен систем се очекува посигурно снабдување со вода, особено во периоди на зголемена потрошувачка.
Од општината упатуваат апел до граѓаните за заедничка грижа и заштита на инфраструктурата, со цел долгорочно одржување на системите и зачувување на животната средина.
StrugaOnline

