Лев банер Десен банер

Верници и млади со заедничка акција го обновија сјајот на манастирот „Свети Атанасиј“ кај Струга

Група верници, заедно со млади луѓе и општествено одговорни компании, во изминатиот период самоорганизирано реализираа неколкудневни акции за уредување и обновување на манастирот „Свети Атанасиј“, кој се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро, помеѓу Елен Камен и Калишта.

Во акцијата активно се вклучиле поединци, локални компании, како и дел од младите од Ложани и Драслајца, кои со својот труд, посветеност и љубов придонеле ова духовно светилиште повторно да добие достоинствен изглед.

Според организаторите, целта била да се врати сјајот на манастирот и да се создадат подобри услови за верниците и посетителите кои секојдневно го посетуваат ова место.

„На фотографиите јасно може да се види разликата – како изгледаше манастирот претходно, а како изгледа денес“, велат учесниците во акцијата, изразувајќи благодарност до сите кои помогнале.

Воедно, беше најавено дека во петок, на 15 мај, во манастирот „Свети Атанасиј“ ќе се одржи света литургија и богослужба со почеток од 07:00 часот.

Организаторите упатија голема благодарност до сите кои придонеле со својот труд, време и добра волја, со порака дека заедничката грижа за духовните светилишта е од особено значење за зачувување на традицијата и верата.

„Да го чуваме, почитуваме и заеднички да се грижиме за ова наше духовно светилиште“, порачаа тие.

StrugaOnline

error: