Лев банер Десен банер

Романот „Детството на Конески“ од Мишо Китаноски стана лектира за деветто одделение

Романот „Детството на Конески“ од македонскиот писател Мишо Китаноски е избран за задолжителна лектира за учениците во IX одделение, според новиот список на лектирни изданија што го објави Бирото за развој на образованието, во рамки на Министерството за образование и наука. Новите наслови ќе започнат да се применуваат од учебната 2026/2027 година и ќе бидат дел од наставната програма и во следните учебни години.

Романот, кој е посветен на детството, образованието и животниот пат на Блаже Конески, првично започнал да се објавува во детскиот прилог „Колибри“ на весникот Нова Македонија во текот на 2021 и 2022 година. Подоцна бил дополнет со нови раскази и објавен како роман со 23 глави во 2024 година.

Авторот Мишо Китаноски вели дека изборот на книгата за лектира претставува голема чест, но и потврда за значењето на ликот и делото на Конески за македонскиот народ.

„Животниот и творечки пат на Блаже Конески го проучувам повеќе од три децении. Сакав преку овој роман младите генерации да го запознаат не само големиот научник и поет, туку и човекот, детето кое со труд, учење и посветеност стана еден од најзначајните столбови на македонскиот јазик и идентитет“, изјави Китаноски.

Тој додава дека во подготовката на романот користел бројни сведоштва и разговори со луѓе кои биле блиски до Конески, меѓу кои Коце Солунски, Лазар Мојсов, Трајко Стаматоски и Цане Андреевски.

„Во романот младите ќе откријат дека Блаже Конески уште како гимназијалец започнал да пишува песни на македонски јазик, инспириран од ‘Бели мугри’ на Кочо Рацин. Неговата порака дека ‘јазикот е нашата татковина’ и денес е подеднакво важна“, нагласува авторот.

Во делото се опишани детските години на Блаже Конески во родното Небрегово, школувањето во Прилеп и гимназиските денови во Крагуевац, каде што ги напишал и своите први песни.

Китаноски најави дека продолжува да работи на нови дела посветени на Конески.

„Во моментов подготвувам нова книга со наслов ‘Тапијата на Конески’, во која ќе објавам нови и помалку познати детали од неговиот живот. Наскоро од печат треба да излезе и книгата ‘Поетски посвети на Конески’. Сè додека ме служи здравјето, ќе продолжам да пишувам за нашите великани“, рече Китаноски.

Изборот на „Детството на Конески“ за лектира се оценува како значаен чекор во доближувањето на македонската културна и јазична традиција до младите генерации, преку делото и животот на еден од најголемите македонски интелектуалци.

СТОЈАН КУКУНЕШОСКИ

StrugaOnline

error: