Лев банер Десен банер

Вечерва започнува јубилејното 70. издание на Евровизија

Со првото полуфинале што ќе се одржи вечерва во Виена, официјално започнува јубилејното 70. издание на изборот за песна на Евровизија 2026. Музичкиот спектакл ќе трае до 16 мај, кога е закажано големото финале.

Овогодинешната Евровизија се одржува во Австрија по минатогодишната победа на пејачот Џеј-Џеј со песната „Wasted Love“, со што земјата по третпат е домаќин на натпреварот.

Во првото полуфинале ќе настапат 15 земји, кои ќе се борат за место во големото финале. Второто полуфинале е закажано за 14 мај, додека финалната вечер ќе се одржи во сабота, 16 мај, со почеток од 21 часот.

Според најавите, годинава на сцената ќе настапат вкупно 35 држави, а организаторите најавуваат спектакуларна продукција, специјални сценски ефекти и бројни музички изненадувања по повод јубилејното издание.

Покрај музиката, Евровизија и оваа година е во центарот на вниманието и поради политичките контроверзии. Дел од европските земји најавија бојкот и протести поради учеството на Израел, а во Виена се засилени безбедносните мерки во пресрет на вечерашното шоу.

Организаторите од Европската радиодифузна унија (EBU) најавија и нови правила за гласање, со цел зголемување на транспарентноста и довербата во изборот.

Евровизија и годинава ќе ја следат милиони гледачи ширум Европа и светот, а фаворити за висок пласман според обложувалниците се претставниците на Финска, Грција и Данска.

StrugaOnline

error: