Оштетено новото игралиште во ОУ „Браќа Миладиновци“ – Општина Струга со остра осуда
Општина Струга најостро го осуди вандалскиот чин врз новоинвестираното игралиште и инфраструктурата во Основното училиште „Браќа Миладиновци“, кое било оштетено само кратко време по неговото уредување и пуштање во употреба.
Од Општината велат дека станува збор за недозволиво и разочарувачко уништување на јавен имот, реализиран со средства на граѓаните и наменет за подобрување на условите за учениците и нивниот престој во училиштето.
„Ова не е само оштетување на еден објект. Ова е директна штета врз заедничкиот имот, врз парите на граѓаните и врз напорите за создавање подобри услови за новите генерации“, наведуваат од Општина Струга.
Локалната самоуправа информира дека во соработка со надлежните институции ќе бидат преземени сите потребни мерки за целосно расветлување на случајот и за утврдување одговорност кај сторителите на овој, како што го нарекуваат, срамен чин.
Од Општината упатуваат апел до граѓаните да пријавуваат секој случај на уништување на јавните простори и да покажат поголема грижа и почит кон инвестициите што се реализираат во интерес на заедницата.
„Секоја клупа, секој парк, секое училиште и секоја јавна инвестиција се изградени со парите на граѓаните и им припаѓаат на сите нас. Нивното зачувување е заедничка одговорност“, порачуваат од Општина Струга.
Оттаму додаваат дека само со заедничка грижа и одговорност може да се создаде подобра и побезбедна средина за децата и идните генерации.
StrugaOnline

