По повеќе од една деценија чекање во Струга доделени нови решенија за легализација
После долгогодишен застој и предмети кои со години биле оставени без разрешница, процесот на легализација во Струга конечно добива ново темпо.
Вчера градоначалникот Менди Ќура додели уште 25 нови решенија за легализација на граѓаните, како дел од активностите за расчистување на предметите кои со години биле заглавени во општинската администрација.
Од Општината посочуваат дека и денес постојат предмети кои чекале уште од 2011 година, оставајќи многу граѓани без можност навремено да ги остварат своите права и да добијат институционален одговор.
Новото раководство на Општина Струга најавува засилена динамика во решавањето на наследените случаи, со фокус на ефикасност, транспарентност и почитување на законските процедури. Според нив, целта е да се стави крај на долгото чекање, селективниот пристап и административните бариери со кои граѓаните се соочувале изминатите години.
Процесот на легализација останува еден од клучните приоритети на локалната самоуправа, а од Општината порачуваат дека предметите ќе се решаваат одговорно и без потреба од посредници или „врски“.
„Граѓаните заслужуваат институции кои работат во нивен интерес – ефикасно, одговорно и правично“, велат од локалната власт.
StrugaOnline

