Лев банер Десен банер

Проектот за селекција на текстил, треба да му помогне на Преспанскиот регион, кон негова заштита

Мики Трајковски

Жителите на Ресен и Преспа почнаа да стекнуваат нова навика, да селектираат текстил во обид да ја заштитат животната средина.. Велат дека на овој начин сакаат да придонесат регионот околу Преспанското Езеро да биде еколошки што по чист. Во овој процес активно се вклучени сите образовни институции во Пресла. Учениците од Основните и средни училишта непотребната облека од дома, ја носат и одлагаат во специјални контејнери кои за таа намена се поставени во кругот на нивните училишта.

„Се трудам да ја заштитам животната средина поради важноста за заштита на езерото и Преспанскиот регион, бидејки живееме во едно прекрасно подрачје. Отпадот најчесто го селектираме и во нашето училиште. Го делиме на текстил, хартија, пластика и стакло. Имавме одредени датуми кога требаше да селектираме отпад и текстил и го селектиравме во контекјнерите за текстил“,вели Теодора Проеска- ученичка во 9-то одделение во О.У Гоце Делчев-Ресен.

„Рециклираме и текстилен отпад, бидејки тој е многу штетен за нашата средина и го рециклираме поради такви причини. Од дома го носиме тектилниот отпад и го ставаме во контејнерите овде. Тоа е важно бидејки се загадува и езерото, воздухот и сите работи и е штетно“,вели Мартин Еленчески-ученик во О.У Гоце Делчев-Ресен.

И дечињата од Детската градинка со своите учителки, активно се вклучени во овој процес. Уште од најмали нозе стекнуваат навики,  како да селектираат текстил и со тоа да ја чуваат околината во која растат.

„Јас селектирам отпад. Мама ми ја дава облеката што ми е мала и ја носам во градинка, во таа кошничка“,вели Дарија Фузеска, која ја посетува Детската градинка во Ресен.

„Ние во нашата градинка за да ни биде чисто за да можеме да си играме селектираме отпад и селектираме текстилен отпад и го фрламе во кантичка“, вели Алексеј Симоноски, кој ја посетува Детската градинка.

Од Јавното комунално претпријатие „ПРОЛЕТЕР“ од Ресен, велат дека станува збор за законска обврска која општините ја имаат, е поврзана со селекција на секов вид на отпад, помеѓу кои и отпадот од текстил.

„Текстилот е еден вид на отпад кој не е добро да го имаме. Немаме ние во Македонија депонии, туку одлагалишта.На одлагалиштата во случај тие да се запалат е едниот од потешките материјали кои што гаснат на тие депони. Иако тој е еден сегмент кој е непожелен на тие одлагалишта и од безбедносни причини е добро да ги нема таму овие алишта, таа синтетика и овој текстил“,вели  Марчел Русу- директор на ЈКП „Пролетер“- Ресен

За почеток поставени се вкупно 9 контејнери на 6 различни локации, помеѓу кои два и во кругот на Јавното претпријатие. За повеќе од еден месец успеале да соберат повеќе 3 тони текстилен отпад.

„Затоа што онаму каде се другите контејнери ако ги постаиме и овие контејнери нема да ја постигнеме целта, односно ќе најдеме мешан отпад. Тргнавме со идеја од најмалите години да ги запознаеме градинките, училиштата од каде се почнува и каде најлесно може да се пристапи до децата и доста сме успешни во тој дел“,вели Марчел Русу- директор на ЈКП „Пролетер“- Ресен

Дел од текстилот завршува и како донација кај социјално ранливи семејства, само доколку на него стои назнака „За реупотреба“. Останатиот текстил од страна на избраната компанија Тексомак оди на понатамошно сортирање и рециклирање.

„Неочекувано имаме добар фид бек од терен, а дури ни постапувачите неможеа да не стигнат во нивните планови и навреме да ги испразнат.На десет дена по едно празнење им се случува на контејнерите“,вели Марчел Русу-директор на ЈКП „Пролетер“-Ресен.

Пред почетокот на акцијата биле реализирани едукативни работилници со учениците и родителите.

„Родителите ги информиравме преку активности што ги правиме со децата, не само за текстилот, туку и општо бидејки децата многу често ги вклучуваме во сортирање и селектирање на било каков отпад, особено оној кој го има во објектите и околу објектите, а родителите и граѓаните веќе се информирани и има интерес за носење. Во рок од еден месец, три пати е подигнат текстилот и се надевам дека во летниот период ќе има уште повеќе интерес“,вели Силвана Митревска, директорка на Детска градинка „11-ти Септември“- Ресен

Митревска вели дека е многу важно децата уште од најмала возраст да знаат да разликуваат и селектираат отпад.

„Децата сами преку нашите активности кажуваат кој текстил може да се преработи, а кој може се уште да се употреби, онаму каде има потреба од нивно користење“, вели Силвана Митревска- директорка на Детска градинка „11-ти Септември“- Ресен

Наставничката по билогија во ОУ Гоце Делчев, Ивона Ѓорѓиевска вели дека Преспа заслужува да биде заштитена.

„Ги мотивираме, ги потикнуваме учениците на кој начин и каде да го вршат тоа и ги насочуваме на важноста на нашиот Преспански регион како заштитено подрачје, опколено со два национални паркови со нашето езеро кое е бисер на Преспа, да ги зачуваме на тој начин што ќе селектираат и рециклираат пластични шишиња,ќе селектирата текстил во контејнерите кои се поставени во училиштето. Секојдневно носат различна количина на текстилен отпад, која подоцна истата ќе биде рециклирана“,вели Ивона Ѓорѓиевска-наставничка по биологија во О.У Гоце Делчев-Ресен

Таа вели дека текстилниот отпад сам по себе е многу штетен ако заврши на несоодветна локација.

„Доколку не би бил овој проект  текстилниот отпад да се рециклира, тој би завршил на уште повеќе диви депонии кои што во нашето поднебје ги имаме во голем број. Овој начин е еден од начините да се спречи понатамошно создавање на тие диви депонии и неговата штетат за почвата, водата за воздухот“,вели Ивона Ѓорѓиевска-наставничка по биологија во О.У Гоце Делчев-Ресен.

Паролата со која ЈКП „Пролетер“ го спровеудва проектот за селекција на текстил е „Да го зачуваме Преспанскиот регион чист и да покажеме солидарност? Но дали е тоа можно?

„Наше е да пробаме и да започнеме да го работеме нештото. Ако досега имало обиди за започнување, па биле бојкотирани, сега цврсто сме убедени дека мора по овој пат да одиме. Граѓаните ќе го сфатат моментот на селекцијата во момент кога ќе почне и регионалчната депонија да функционира затоа што секој тон одложен на регионалната депонија ќе не чини како општина. И тие средства нема да бидат од јавното претпријатие или општината, туку ќе бидат од самите граѓани, бидејки самата цена ќе се рефлектира и врз сметките на граѓаните“, вели Марчел Русу-директор на ЈКП „Пролетер“-Ресен

Од Пролетер најавуваат дека во наредниот период започнуваат проект за селекција и на отпад од пластика и хартија. За таа намена ќе добијат специјализирано возило од Министерството за животна средина, а секое домаќинство во Преспа ќе добие специјализирани канти за селекција на таков вид на отпад.

Со оваа содржина, StrugaOnline ја поддржува кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии.

StrugaOnline

error: