Струга ја пушти во употреба пилот-фазата на платформата StrugaParking – паметно решение за полесно паркирање
Општина Струга направи нов чекор кон дигитализација на јавните услуги, откако денес официјално беше пуштена во употреба пилот-фазата на платформата strugaparking.mk, која треба да го олесни паркирањето во градот.
Платформата беше презентирана пред претставници на општинската администрација и Јавното претпријатие „Еко Струга“, при што беа демонстрирани нејзините почетни функционалности. Во првата фаза, граѓаните ќе можат во реално време да ја проверуваат достапноста на слободните паркинг-места, да добијат навигација до избраниот паркинг и брзо да го платат паркирањето преку СМС-порака.
Од Општина Струга најавуваат дека во следната фаза платформата ќе биде дополнително надградена. Планирано е воведување плаќање со банкарски картички и QR-кодови, како и автоматско детектирање на слободните паркинг-места преку систем на камери.
Проектот е реализиран на волонтерска основа од млади професионалци од струшката дијаспора, кои со своето знаење и експертиза придонесуваат за модернизација на градот.
Општината изрази посебна благодарност до Едуан Рочи, Ријат Абдурамани, Лиман Лимани и волонтерскиот експерт од Индија, Рахкеш Мохан, за нивниот ангажман и придонес во развојот на платформата.
Со воведувањето на StrugaParking, Струга започнува процес на примена на современи дигитални решенија кои треба да го подобрат секојдневието на граѓаните и да придонесат за поефикасно управување со јавниот паркинг-простор.
StrugaOnline

