„Копнеж“ – прва самостојна изложба на младиот струшки уметник Михаил Клечкароски
Во холот на Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга беше отворена првата самостојна ликовна изложба на младиот струшки уметник Михаил Клечкароски, насловена „Копнеж“.
На изложбата беа претставени 21 уметничко дело, изработено во техника масло на платно, во голем формат. Преку своите дела Клечкароски го истражува копнежот како силно човечко чувство – по родниот крај, по спомените, љубовта, слободата, мирот и по она што останува длабоко врежано во човековото сеќавање.
Клечкароски е самоук, слободен уметник, роден и израснат во Струга. Основното и средното образование ги завршува во родниот град, а животниот пат подоцна го носи во Чикаго, САД, каде го продолжува своето образование и се насочува кон ликовната уметност.
Токму престојот во Америка, како што се посочува, бил еден од клучните периоди за неговото творечко оформување. Оддалеченоста од родниот град го поттикнала чувството на копнеж по Струга, по местата во кои ги поминал најважните години од своето детство и младост, опкружен со топлина, љубов и чувство на припадност.
Изложбата ја отвори Марина Чакар, која пред бројната публика и љубителите на уметноста истакна дека делата на Клечкароски не треба само да се гледаат, туку и да се почувствуваат.
„Вечерва не сме тука само да ги погледнеме сликите, туку да ги почувствуваме. Секое дело носи своја тивка приказна – за она што ни недостига, за она што сме го изгубиле, но и за она кон што сè уште чекориме“, истакна Чакар.
Таа додаде дека копнежот е чувство кое сите го носиме во себе – желба по нешто изгубено, недостижно или сè уште неоткриено. Според неа, тој претставува мост меѓу минатото и иднината, меѓу сонот и реалноста.
„Понекогаш боли, понекогаш инспирира, но секогаш нè поттикнува да сонуваме, да создаваме и да погледнеме подлабоко во себе и во светот околу нас“, рече Чакар, повикувајќи ја публиката преку изложените дела да ги препознае различните лица на копнежот – копнежот по љубов, слобода, мир, спомени, надеж или нов почеток.
„Секоја слика носи своја приказна, а секој посетител ќе пронајде во неа свое лично значење. Нека оваа изложба биде простор каде што секој ќе открие дел од сопствениот копнеж – спомен што грее, надеж што охрабрува, љубов што трае или сон што допрва чека да биде остварен“, порача Чакар.
Првата самостојна изложба на Михаил Клечкароски претставува значаен чекор во неговото творештво, но и враќање кон родниот град преку уметноста. „Копнеж“ ја поврзува личната приказна на авторот со универзалното чувство на припадност и сеќавање, оставајќи простор секој посетител во изложените дела да препознае дел од сопствената приказна.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

