Лев банер Десен банер

Никола Тодороски вечерва со јубилејното стендап шоу „Опстанок“ на „Билјанини Извори“

Сè е подготвено за големото стендап шоу „Опстанок“ на охридскиот актер и комичар Никола Тодороски, кое ќе се одржи вечерва на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.

Шоуто е посветено на 15-годишнината од неговата стендап кариера, а воедно ќе биде и големото финале на осмото издание на Summer Comedy Marathon.

На стадионот веќе е поставена голема сцена, а во тек се последните подготовки со комплетна сценска, светлосна и аудио продукција, со што организаторите најавуваат вечер исполнета со смеа и забава.

Во „Опстанок“, Тодороски преку својот препознатлив комичарски израз ќе се осврне на секојдневието, општеството и човечките слабости, претворајќи ги во материјал за смеа. Јубилејното шоу ќе понуди и своевиден пресек на неговиот 15-годишен пат на стендап сцената.

Пред главниот настап, атмосферата ќе ја загрева DJ FACE, а публиката ќе има можност да го проследи и настапот на Никола „Братучед“ Сиљаноски. Специјални гости на вечерта ќе бидат Тино и Атанас.

Програмата започнува во 21 часот, додека вратите на стадионот ќе бидат отворени од 20 часот.

За полесен и побрз влез, организаторите обезбедија одделни влезови за посетителите. Имено, влезот за оние со онлајн билети е од левата страна на објектот, додека посетителите со печатени билети ќе влегуваат од десната страна. Касата е поставена во централниот дел, а означен е и службениот влез.

Организаторите апелираат посетителите да пристигнат навреме, со цел да се избегнат гужви и метеж непосредно пред почетокот на шоуто.

Билетите чинат 700 денари, а седењето е по принципот „прв дојден – прв услужен“. Шоуто не се препорачува за лица помлади од 16 години.

Вечерашниот „Опстанок“ ветува јубилејна стендап вечер со многу смеа, гости и добра атмосфера, со која Тодороски ќе одбележи значаен момент од својата кариера пред охридската публика.

StrugaOnline

error: