Промовирана книгата „Вевчани – родови, потомци и судбини“ – животно дело на Анастас Ќушкоски
Во рамките на одбележувањето на 30 години од постоењето на Општина Вевчани, на 15 август 2026 година во Мултикултурниот центар во Вевчани беше промовирана книгата „Вевчани – родови, потомци и судбини“, животното дело на авторот Анастас Ќушкоски.
Книгата е објавена во рамките на „Едиција македонски родослови“ и претставува значаен придонес кон истражувањето, документирањето и зачувувањето на културното, историското и родословното наследство на Вевчани. Ќушкоски со години посветено работи на промовирањето на историјата и културното наследство на своето родно место.
Промоцијата беше збогатена и со фотоизложбата „Вевчани – приказна која трае“, исто така дело на Анастас Ќушкоски. Дел од фотографиите од изложбата се застапени и во самата монографија, со што текстуалниот и визуелниот материјал создаваат своевидна хроника на животот во Вевчани.
Книгата ја промовираа проф. д-р Мирјана Алулоска Мирчевска и вевчанскиот хроничар, поет, писател и публицист Мишо Китаноски.
Проф. д-р Мирјана Алулоска Мирчевска, која воедно е и рецензент на книгата, истакна дека објавувањето на родослов на населено место со долгогодишно постоење, какво што е Вевчани, претставува исклучително значаен потфат. Според неа, делото содржи фактографски материјал кој навлегува во повеќе општествени и хуманистички области и науки, систематизиран по фамилии и проследен до седмо колено наназад.
Монографијата е поделена на три поголеми истражувачки целини. Во првиот дел се обработуваат Вевчани како населба, доселувањата и миграциите, родовите и презимињата, како и поделбата и карактеристиките на одделните родови. Посебно внимание е посветено на миграциските процеси и нивното влијание врз родовите, презимињата на исчезнатите и иселените семејства, како и на влашките родови и семејства и ромската заедница, односно Еѓупците – ковачи.
Вториот дел е посветен на генеалошкиот приказ на одделни родови од Горна и Долна Маала, како и на печалбарите и лицата со различни занимања. Во него се опфатени и списоците на домаќинства од двете маала, кулучарите, роднокрајните писатели и други уметници.
Третиот дел го надополнува истражувањето со „Сликопис на животот“, составен од фотографии, како и со поговор за родот и породот. Книгата содржи и обемна библиографија, во која се наведени фондови и збирки, сеќавања, книги и списанија, а изданието завршува со библиографски преглед.
Промоторот Мишо Китаноски во своето обраќање се осврна особено на ликот и делото на авторот Анастас Ќушкоски и на неговиот долгогодишен истражувачки ангажман.
Китаноски истакна дека Ќушкоски, користејќи катастарски, црковни, матични и други извори, усни сведоштва, лични сознанија, фотографии и семејни документи, успеал своето истражување да го претвори во своевидна семејна хроника.
„Родословот на Вевчанци не е само запис за потеклото на вевчанските семејства, туку реконструкција на социјалната, културната и демографската структура на локалната заедница низ времето“, беше истакнато на промоцијата.
Според Китаноски, вредноста на книгата не се исцрпува само во нејзината намена за денешните жители на Вевчани. Податоците што денес можеби изгледаат како семејни информации, по 50 или 100 години можат да претставуваат исклучително значаен историски и етно-антрополошки извор за идните истражувачи.
Со „Вевчани – родови, потомци и судбини“, Анастас Ќушкоски остава траен запис за вевчанските семејства, нивните корени, миграции, занимања и животни патишта, но и вредно сведоштво за развојот и историјата на една препознатлива македонска средина.
Текст и фото: Стојан Кукунешоски
StrugaOnline

