„Оркестрација“ – самостојна изложба на Аница Китаноска денеска во Струга
Денеска со почеток во 19:30 часот, во просториите на НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга ќе биде отворена самостојната изложба „Оркестрација“ на македонската визуелна уметница Аница Китаноска.
Изложбата, која ќе биде поставена до 26 август, преку различни медиуми и уметнички изрази ја истражува природата како непрекинат процес во кој материјата постојано се преобразува. „Оркестрација“ се развива околу идејата за состојба во која повеќе различни слоеви и медиуми истовремено создаваат една целина – форма што не може да се согледа целосно преку само еден нејзин елемент.
Формата, светлината, звукот и просторот во изложбата се поставени во постојан дијалог. Потегот ја напушта површината и станува амбиент, додека светлината ја обликува празнината и ги активира изложбените површини. Целината се воспоставува и повторно се преобликува преку перцепцијата на посетителот.
Концептот е структуриран како патување од материјата кон светлината, низ пет внатрешни состојби: „Меморија“, „Потсвест“, „Премин“, „Душа“ и „Сублунарно“. Од таложењето на времето и слоевитоста на потсвеста, преку трансформацијата и суптилноста на површината, изложбата води кон идејата за бесконечна отвореност.
Струга, со својата специфична природна средина, претставува особено значаен контекст за ова уметничко истражување. Енергијата на езерската површина, речниот тек, одразот и постојаната промена на светлината се надоврзуваат на концептот на „Оркестрација“ и го прошируваат од галерискиот простор кон непосредното опкружување.
Аудио-инсталацијата е на Марко Китаноски, а во рамки на отворањето предговор ќе одржат Христијан Томан и кураторот на изложбата, Стефан Александар Јовановски. Отворањето ќе биде збогатено со звучен перформанс на Дамјан Томоски.
Аница Китаноска е родена во 2000 година во Вевчани. По средното образование во Скопје, дипломирала и магистрирала мозаик на Академијата за ликовни уметности во Равена, Италија.
Нејзиното творештво е препознаено со повеќе награди и признанија, меѓу кои италијанската Национална награда за уметност во 2023 година, наградата PAS во Равена, втората награда на Пикасиет во Франција, првата награда за експериментален цртеж на ДЛУМ и специјално признание од ОСТЕН.
Китаноска досега има реализирано повеќе самостојни изложби во Македонија, Италија и Франција, а нејзини дела биле претставени и во значајни уметнички институции, меѓу кои Rijksmuseum во Амстердам, Музејот на уметноста во Равена, Музејот на современата уметност во Скопје и Gallery MC во Њујорк.
Изложбата „Оркестрација“ ќе биде отворена за посетители од денеска, 17 до 26 август 2026 година во НУЦК „Браќа Миладиновци“ – Струга.
StrugaOnline

