Заедничка акција на Општина Струга со месните заедници: Уредени банкините на патот кон Ново Село
Продолжуваат заедничките активности на Општина Струга и месните заедници за уредување и подобрување на инфраструктурата во руралните средини.
Во најновата акција, месните заедници од Долно Татеши и Мислодежда се обединија со заедничка цел – уредување на банкините долж патот кон Ново Село.
Од Општина Струга посочуваат дека оваа иницијатива е позитивен пример за тоа што може да се постигне кога локалната заедница активно се вклучува и заеднички работи на подобрување на условите во своето место.
„Акцијата реализирана од Месните заедници на Долно Татеши и Мислодежда за уредување на банкините на патот кон Ново Село е добар пример за тоа што можеме да постигнеме кога заедницата се ангажира и обединува“, наведуваат од Општината.
Општина Струга и градоначалникот Менди Ќура најавуваат дека ќе продолжат да ги поддржуваат ваквите доброволни иницијативи на месните заедници. Поддршката, како што е наведено, ќе се обезбедува преку логистика, средства и други форми на помош, во согласност со потребите и приоритетите на секоја месна заедница.
Од локалната самоуправа упатуваат порака дека активното учество на граѓаните и соработката со месните заедници се важен дел од создавањето подобри услови за живот во сите населени места.
StrugaOnline

