Вечерва во Охрид ќе се одржи првиот детски фолклорен фестивал „Охридски езерски бранови“
На 21 август, пред НУЦК „Григор Прличев“, најмладите фолклорци ќе ја прослават традицијата со песни, игри и музика
Охрид вечерва ќе биде во знакот на детскиот фолклор и традицијата, со одржувањето на првиот детски фолклорен фестивал „Охридски езерски бранови“.
Фестивалот се организира по повод 22 Август – Меѓународниот ден на фолклорот, а целта е преку детската игра, музика и традиционалните ора да се даде поддршка на најмладите кои ја продолжуваат македонската културна традиција.
Пред платото на НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, посетителите ќе имаат можност да проследат вечер исполнета со детска радост, македонски фолклор, традиционални игри и музика, со настапи на културно-уметнички друштва.
Програмата ќе започне во 19:15 часот со свечено дефиле, по што во 19:30 часот ќе следува свеченото отворање на фестивалот.
Од 19:40 часот започнуваат настапите на културно-уметничките друштва, кои пред охридската публика ќе ги претстават фолклорните традиции преку детски изведби, песни, игри и музика.
Фестивалската вечер ќе заврши во 21:30 часот, со свечено доделување благодарници на учесниците.
„Охридски езерски бранови“ има за цел да ја прослави љубовта кон фолклорот, традицијата и детската игра, но и да создаде простор најмладите да го покажат својот талент и посветеност кон културното наследство.
Организаторите ги повикуваат охриѓани и сите посетители да бидат дел од оваа посебна вечер и со своето присуство да им дадат поддршка на најмладите фолклорци – децата кои со песна, игра и музика ја продолжуваат културната приказна на своите предци.
StrugaOnline

