Од еден „Зборник“ до друг: одбележани 165 години од излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци
Во знакот на пишаниот збор, книжевното наследство и трајните вредности што зад себе ги оставија браќата Димитар и Константин Миладиновци, се одржа свечена промоција на книгата „Зборник“, издание создадено по повод значајниот јубилеј – 165 години од излегувањето на Зборникот на браќата Миладиновци.
Настанот беше организиран од Фондацијата „Браќа Миладиновци – Миладиновско слово“, а новиот „Зборник“, под уредништво на Марија Савеска и Билјана Мартиновска, е резултат на претходно објавениот литературен конкурс инспириран од животот, делото и културното наследство на Миладиновци.Свеченоста, низ внимателно осмислена програма, ги поврза минатото и современоста, народното и авторското творештво, книжевноста и музиката. Пред присутните прозвучија избрани народни песни од Зборникот на Миладиновци, но и поетски и есеистички творби на современи автори застапени во новото издание.
На присутните им се обрати Ристе Миладин, основач и претседател на Фондацијата „Браќа Миладиновци – Миладиновско слово“ и директен потомок на Миладиновци, кој говореше за значењето на нивното дело, но и за одговорноста тоа богато книжевно и културно наследство да се негува, промовира и пренесува на идните генерации.

За идејата од која произлезе конкурсот, патот од пристигнатите творби до нивното обединување во книга и симболиката на новиот „Зборник“ говореа неговите уредници Марија Савеска и Билјана Мартиновска.

„Некогаш Миладиновци ги собирале гласовите на народот и ги зачувале од заборавот. Сто шеесет и пет години подоцна, повторно собравме гласови – овојпат гласовите на современи автори, инспирирани од нивното дело“, беше една од пораките упатени на промоцијата.
Во рамките на литературниот конкурс беа доделени признанија во повеќе категории. Во категоријата млади автори, признанието го доби Ана Ашталкоска, додека во категоријата возрасни автори беше награден Чедомир Шопкиќ. Признанието во категоријата автори од дијаспората ѝ припадна на Исабела Жувела.

Во есеистичкиот дел од конкурсот, за најдобар есеј во категоријата млади автори беше наградена Матеа Јовановска, додека признанието за најдобар есеј во категоријата возрасни автори го доби Радица Таскова.
Посебен и свечен момент на манифестацијата беше доделувањето на две награди за животно дело.
На Миладин Угреновиќ му беше доделена Награда за животно дело за неговиот придонес во негувањето, промовирањето и зачувувањето на македонскиот јазик, додека Награда за животно дело му беше доделена и на д-р Беџет Асани, како признание за неговиот долгогодишен творечки и културен придонес.
Книжевниот дел од манифестацијата беше збогатен и со музичка програма. Во неа учествуваа ученичките од ДМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ – паралелка Струга, Марија Дузлеска и Ера Зиба, под менторство на проф. Светлана Богданоска Ристоски. Младите музичарки пред присутните изведоа две музички точки, кои внесоа посебна уметничка атмосфера и природно се надоврзаа на поетските и книжевните содржини на манифестацијата.
Нивното учество воедно ја збогати идејата за поврзување на генерациите – од наследството на Миладиновци, преку современите автори, до младите кои денес преку уметноста го продолжуваат културниот дијалог.
Новиот „Зборник“ не претставува само книга создадена во чест на еден значаен јубилеј. Тој воспоставува мост меѓу наследството и современоста – меѓу зборот што Миладиновци го зачувале пред повеќе од еден и пол век и зборот на авторите кои создаваат денес.
Од еден „Зборник“ до друг поминале 165 години. Се менувале времињата, генерациите и книжевните изрази, но зборот останал.
Токму тоа беше и централната порака на манифестацијата – дека најдостојниот начин да му се оддаде почит на едно големо книжевно и културно наследство не е само да се навраќаме кон него, туку да му овозможиме да продолжи да живее преку новиот збор и новите генерации.
StrugaOnline
