Лев банер Десен банер

По аплаузите во Струга, Сотирис Минас се среќава со читателите во Скопје

Грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас, чии стихови за македонскиот јазик предизвикаа силни реакции на Струшките вечери на поезијата, во сабота ќе се сретне со читателите во Скопје.

Минас, кој јавно се спротивставува на негирањето на македонскиот јазик и идентитет, својата книжевна солидарност ја претвори и во книга. Неговата прва стихозбирка „Раскинување на договорот“ е објавена во Македонија од „Матица македонска“, со песните објавени паралелно на грчки и македонски јазик.

Македонскиот јазик Минас го научил сам, а самиот ги препеал и своите стихови на македонски.

На неодамнешното издание на Струшките вечери на поезијата, тој ја прочита песната „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, во која говори за правото на мајчин јазик, загубата и паметењето што продолжува да живее преку зборовите. Неговата појава и ставови беа проследени со аплауз од публиката.

Сепак, реакциите не останаа само во рамките на книжевниот настан. По неговите јавни настапи и ставови на социјалните мрежи се појавија бројни пораки за поддршка, но и навреди и закани од грчки националисти.

„Раскинување на договорот“ ја открива и поинтимната страна на авторот. Покрај општествените и идентитетските теми, во стиховите присутни се љубовта, загубата и ранливоста. Насловната песна зборува за човек кој одбива неговата вредност да биде определувана од некој друг – мотив што ја носи идејата за ослободување од потребата за туѓо прифаќање и за правото да се биде свој.

На промоцијата во Скопје лично ќе присуствува Сотирис Минас, додека за книгата ќе говори писателот и книжевен критичар Иван Антоновски.

Средбата со читателите ќе се одржи во сабота, 19 септември, со почеток во 12 часот, во книжарницата на „Матица“ на Булеварот на книгите, бул. „Св. Климент Охридски“ бр. 23 во Скопје.

Од „Матица македонска“ ги покануваат читателите да го запознаат авторот и преку неговата поезија, но и преку приказната што стои зад неговите стихови и јавните реакции што ги предизвикаа.

По аплаузите во Струга, Сотирис Минас во сабота ќе има можност својата поезија и своите ставови директно да ги сподели со скопската публика.

StrugaOnline

error: