Пионерите на РК Струга убедливи против РК Пролет, кадетите поразени од РК Еурофарм Пелистер
Пионерите на РК Струга забележаа убедлива победа на гостувањето кај РК Пролет, додека кадетската екипа на струшкиот клуб претрпе пораз на домашен терен од РК Еурофарм Пелистер.
Пионерите одиграа сигурен и дисциплиниран натпревар во кој постепено ја градеа својата предност, особено во второто полувреме. Со колективна игра, борбеност и тимски дух, младите стружани стигнаа до заслужена победа со 26:20.
Гостите имаа минимални 12-10 по првите 20 минути, а Пролет на почетокот од вториот дел се доближи на 12-13. Следуваше серија од пет погодоци на Струга за 18-12, со што беше направен решавачкиот чекор кон победата.
Борјан Домазетоски постигна 11 гола, а Тино Бебекоски додаде пет. Во составот на Пролет се истакнаа Филип Коцев со седум и Марин Стојаноски со шест реализации.
Успешниот настап на гостински терен е потврда за добрата работа и ангажманот на младите ракометари, кои со секој натпревар стекнуваат ново искуство и продолжуваат да напредуваат.
Кадетите, пак, на домашен терен го одиграа својот втор натпревар во рамките на второто коло, против екипата на РК Еурофарм Пелистер. Натпреварот заврши со резултат 15:21 во корист на гостите.
Стружани одлично го започнаа натпреварот и во почетните минути имаа резултатска предност. Во текот на првото полувреме се играше борбено и со мала резултатска разлика, а домашната екипа постојано беше во игра.
Во вториот дел, гостите успеаја постепено да ја зголемат предноста и на крајот да стигнат до победа со 21:15.
И покрај поразот, од РК Струга посочуваат дека за кадетите секој натпревар претставува ново искуство и можност за напредок, а одиграните минути се дополнителен мотив за уште поголема работа во периодот што следува.
StrugaOnline

