Општина Струга организира јавни консултации со спортските клубови и граѓанскиот сектор
Општина Струга ги поканува спортските клубови и граѓанските организации да се вклучат во јавни консултации посветени на унапредување на општинските програми и правилници во областа на спортот и граѓанскиот сектор.
Целта на консултациите е преку директен дијалог со претставниците на спортските клубови и граѓанските организации да се соберат предлози, мислења и препораки кои ќе придонесат кон создавање појасни, поефикасни и потранспарентни механизми за поддршка.
Консултациите со спортските клубови ќе се одржат на 1 октомври 2026 година, со почеток во 14:00 часот, во салата на Советот на Општина Струга.
На средбата ќе се разговара за новата Програма за спорт, Правилникот за спорт, како и за концептот за избор на „Спортист на годината“.
Наредниот ден, 2 октомври 2026 година, исто така со почеток во 14:00 часот, во салата на Советот на Општина Струга ќе се одржат консултациите со граѓанските организации.
Во фокусот на оваа средба ќе бидат новата Програма и Правилникот за невладини организации.
Од Општина Струга посочуваат дека активно учество на оние кои секојдневно работат во овие области е од особено значење за утврдување на потребните промени и креирање на решенија кои ќе одговорат на реалните потреби на спортскиот и граѓанскиот сектор.
Оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат на консултациите, своите предлози и забелешки можат да ги достават писмено најдоцна до 2 октомври 2026 година, на е-mail адресата: s.jovcheska@struga.gov.mk.
Од Општина Струга ги повикуваат сите заинтересирани спортски клубови и граѓански организации активно да се вклучат и со свои предлози да придонесат кон унапредување на системот на општинска поддршка.
StrugaOnline

