Стружанецот Димче Шипинкаровски ја претстави македонската книжевност на меѓународниот фестивал во Риека
Истакнатиот македонски поет и писател од Струга, Димче Шипинкаровски, беше дел од 19. издание на Меѓународниот фестивал на книжевноста „Денови на пријателите на книгата“, кој се одржа во хрватскиот град Риека, во организација на Хрватското книжевно друштво (ХКД), со поддршка од Градот Риека.
Шипинкаровски беше меѓу авторите кои ја претставија својата книжевна творечка работа пред риечката публика, во рамките на централната фестивалска програма, која се одржуваше од 12 до 15 ноември.
Македонското книжевно претставување се одржа во петокот, на 13 ноември, во просториите на Македонското културно друштво „Илинден“ во Риека. Покрај струшкиот автор, пред присутните се претстави и црногорската писателка Станка Раѓеновиќ од Будва, по што следуваше поетско-музичката програма „Риека во стих“.
Деветдневната фестивалска програма започна на 7 ноември со свечено отворање во салата на МКД „Илинден“, паралелно со манифестацијата „Денови на македонската култура“. На отворањето се обратија претседателката на друштвото, Ивона Дуноски, и претседателот на Хрватското книжевно друштво, Валерио Орлиќ.
На повеќе културни локации низ Риека, меѓу кои и Градското собрание, каде што беа доделени фестивалските книжевни награди, учествуваа бројни писатели и поети од различни земји. Меѓу нив беа автори од Србија, Црна Гора, Италија, Шпанија, САД и Словачка, со што фестивалот уште еднаш ја потврди својата меѓународна димензија.
Манифестацијата заврши на 15 ноември со традиционалната средба „Поезија со појадок“.
StrugaOnline

