Лев банер Десен банер

Две убедливи победи за ЖРК Струга – сениорките ја совладаа Јехона, пионерките славеа во Скопје

Одличен ракометен викенд зад себе имаат ракометарките на ЖРК Струга, кои забележаа две убедливи победи во две различни возрасни категории. Сениорскиот состав славеше на домашен терен против Јехона, додека пионерките се вратија со цел плен од гостувањето кај Атлетик во Скопје.

Во натпреварот од 8. коло во Првата женска лига, одигран во спортската сала „Тими“ во Струга, домашниот тим ја совлада Јехона со убедливи 31:21.

Стружанки уште во првото полувреме покажаа дека се решени бодовите да останат дома, па на паузата заминаа со предност од 14:10. Во вториот дел продолжија со добрата игра, ја зголемија разликата и на крајот заслужено стигнаа до убедлив триумф од десет гола.

Најефикасна во победничкиот состав беше Емилија Атанаскоска со шест погодоци, Калина Симоноска постигна пет, додека Леа Пејоска и Матеа Димитроска реализираа по четири гола.

Пионерките сигурни и на гостувањето во Скопје

Успешниот викенд го комплетираа и пионерките на Струга ЖРК, кои во рамките на 7. коло од Пионерската женска лига славеа на гостувањето против ЖРК Атлетик со 21:16.

Стружанки одиграа одлично прво полувреме, во кое создадоа убедлива предност од девет гола (7:16). Иако домашниот состав заигра подобро во продолжението и се обиде да се врати во натпреварот, младите ракометарки на Струга ја задржаа контролата и стигнаа до заслужена победа.

Прва фигура на натпреварот беше Елена Ѓонеска, која одигра одличен меч и постигна дури 10 погодоци. Ива Крстановска ја следеше со четири гола, додека Мила Илоска реализираше три.

StrugaOnline

error: