Одличен успех на пливачите на „3 Дисциплини“ Струга на Зимското национално првенство во Куманово
Пливачите на клубот „3 Дисциплини“ од Струга остварија забележителен успех на Зимското национално првенство во пливање, кое викендов се одржа во Куманово. Во силна конкуренција, струшките пливачи уште еднаш го потврдија својот квалитет, освојувајќи медали и одлични пласмани во повеќе категории и дисциплини.
Меѓу најуспешните беа Јован Кутаноски и Девран Куртис, кои се закитија со одличја во индивидуалните дисциплини.
Јован Кутаноски го освои третото место во дисциплината 50 метри краул, со време од 30.92 секунди.
Особено успешен настап имаше и Девран Куртис, кој се искачи на највисокото место на победничкиот пиедестал, освојувајќи го првото место на 50 метри делфин со време од 31.81 секунди. Куртис освои и бронзен медал во дисциплината 1500 метри краул, со време од 21:05.21 минути.
Успесите продолжија и во дисциплината 50 метри делфин, каде што пливачите на „3 Дисциплини“ освоија бронзени пласмани во повеќе возрасни категории. Трети места беа освоени во категориите пионерки, сениорки, младинки и постари пионерки, а клубот се закити и со третото место во апсолутна категорија.
Покрај освоените медали, значаен придонес за успешниот настап имаа и останатите членови на клубот: Дарија Магдис, Петар Шикоски, Стефанија Кутаноска, Софија Кутаноска, Нарт Домазети, Андреј Гогоски, Јана Билетина, Матеј Лазороски и Хади Исмаилоски.
Од клубот истакнуваат дека зад секој освоен медал, секој испливан метар и секој личен напредок стојат многу труд, дисциплина, посветеност и напорна работа.
Овој настап претставува уште една потврда за квалитетната работа на пливачите на „3 Дисциплини“ Струга и мотив за нови спортски предизвици, подобри времиња и нови успеси на претстојните натпреварувања.
StrugaOnline

