Струга се подготвува за новогодишните празници: Општината организира Новогодишен пазар, отворен повик за заинтересираните учесници
Општина Струга започнува со подготовките за претстојните новогодишни и празнични денови, во чии рамки ќе биде организиран Новогодишен пазар, со цел збогатување на празничната понуда, создавање празнична атмосфера и поголема раздвиженост во центарот на градот.
По тој повод, Општина Струга упати јавен повик до сите заинтересирани бизниси, физички и правни лица кои сакаат да бидат дел од оваа празнична манифестација.
Право на учество имаат сите заинтересирани кои нудат прехранбени производи, пијалаци, слатки, ракотворби, сувенири и други содржини соодветни за новогодишниот период.
Заинтересираните учесници треба да поднесат барање за учество, заедно со потребната документација, на шалтерот на Општина Струга.
Крајниот рок за пријавување е 3 декември 2026 година.
Од Општината ги повикуваат сите заинтересирани да ја искористат можноста и да придонесат кон создавање поубава празнична атмосфера, побогата понуда и новогодишно доживување за жителите на Струга, но и за посетителите кои во празничниот период ќе го посетат градот.
Со организирањето на Новогодишниот пазар, Струга има можност да го разубави централното градско подрачје и да внесе дополнителна празнична енергија во градот во пресрет на новогодишните празници.

