Билтен за Охрид: Приведувања за семејно насилство, нарушување на јавен ред и недозволена трговија со дрога
Во текот на изминатото деноноќие, СВР Охрид регистрираше повеќе настани на подрачјето на Охрид, при што се извршени неколку приведувања и е поднесена кривична пријава.
На 24 февруари 2026 година, во 22:45 часот во Охрид, полициски службеници го лишиле од слобода Д.А. (52) од Охрид, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 50-годишна сопруга. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Наредниот ден, на 25 февруари 2026 година во 00:20 часот, на улицата „Момчило Јорданоски“ во Охрид, полициски службеници ги привеле М.П. (20) и еден 17-годишник, двајцата од Охрид. Тие, под дејство на алкохол, го нарушиле јавниот ред и мир и агресивно се однесувале кон полициските службеници кои преземале службени мерки. По документирање на настанот, и против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Дополнително, СВР Охрид поднесе кривична пријава против М.Л. (30) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. Според информациите од полицијата, тој бил затекнат при продажба на марихуана на лице од Охрид, по што бил лишен од слобода.
Извор: СВР Охрид, фото: архива
StrugaOnline

