Една новинарска приказна од училишните клупи, затоа што новинарството се сака од мали нозе

- Интервју, Локални
3141

Во основното училиште ,,Св. Климент Охридски” во Охрид, соништата се остваруваат во рани години. Ивана, Инес, Марија, Анастасија и Јована се ученички -членови на новинарската секција. Под водство на нивната наставничка Мери Крстеска се подготвуаваат за свои остварувања во новинарството кое е нивна идна професионална определба. Во студиото на  Play  радио дојдоа со голем ентузијазам и интерес за начинот на работа. Не  седнаа на водителското столче, но  и во улога на гости  беа интересни и посебни. Задоволство беше  да се слушнат сите надежи и соништа кои ги имаат идните новинарки.

Strugaonline:.Од кога покажувате интерес за новинарството како професија , со оглед на тоа дека уште од основно училиште сте одлучиле да бидете членoви  на новинарска секција?

Ивана:  Не знам дали сакам да бидам новинар или водител. Но, уште како мала често се снимав со камерата на татко ми, правев интервјуа, најавував програми, читав вести.  Додека другите деца играа со кукли, мене водителството ми беше игра. Немам проблем да застанам да дадам изјава, можам да правам и интервјуа, анкети, тоа ми е некоја дарба, го правам тоа многу лесно. Се пронаоѓам во улога на новинар.  Мислам дека сигурно еден ден ќе работам во телевизија или радио.

Инес: Сосема случајно избрав новинарска секција, бидејќи не членував никаде, но многу ми се допадна. Не знам дали во иднина ќе се  занимавам со новинарство, но ми се допаѓаат активностите што сега ги работиме. Има акција, слобода и динамика.

Strugaonlinе : Како изгледа еден ваш час? По кои принципи пишувате текстови и дали сте имале задача да обработите некоја тема на терен?

Марија Џ: Работиме по програма која наставничката ја подготвува. Секогаш на почеток имаме нови членови, ние сме веќе трета година во новинарска, со тоа што прво имаме теоретски часови.   Учиме како се подготвуваат новинарските текстови. Избираме и претседател кој раководи со секцијата. Најчесто  имаме состаноци на кои  договарме што ќе правиме таа недела, дали треба да подготвиме извештај по повод нешто што се одржало во училиштето, или ќе правиме анкета. Тако што сè се сведува на договор. Веќе добро сме упатени во нашата работа. Секогаш една од нас зема и и член од помалите за да гледаат како работиме и да продолжат по нашите стапки. Имаме повеѓе работа после часовите, некогаш излегуваме и навечер, некогаш една обврска трае повеќе денови. Се зависи од задачата која треба да ја завршиме.

Strugaonline: Во какви проекти сте вклучени во училиштето? Која е улогата на новинарската секција во нив?

Јована: Имаме важна улога. Сè што работиме преку цела година го објавуваме во училишниот весник. Ние сме редакциски одбор, избираме материјали, избираме настани, слики, правиме извештаи, новинарски статии, анкети со наставници, гости и  ученици. Спроведуваме и анкети меѓу граѓаните. Сето тоа го објавуваме  во весникот на училиштето кој се вика „Светлини“. Истиот излегува за Патрониот празник  на училиштето.  Се поминува низ наши раце и низ рацете на наставничката до оној момент кога ќе се однесе во печатница. Материјалите ги подготвуваме  преку целата година, не може тоа да се направи во една недела. Имаме се што ни е потребно за работа, условите ни се одлични, имаме простор, компјутер, печатач. Тоа многу ни ја олеснува работата

Анастасија: Повремено  во телевизии испраќаме наши соопштенија. Моментално се подготвуваме  за учество во изработка на веб – страница на училиштето на која ќе имаме наше посебно место, ќе имаме повеќе активности, самиот простор тоа го дозволува.

Strugaonline: Сигурно  знаете дека новинарството во вистинска смисла на зборот  е многу стресна, а во Македонија и  недоволно платена професија. Подготвени ли сте да ја направите таа жртва во која и вашиот приватен живот ќе трпи поради градење на кариерата?

Ивана: Свесна сум за многу негативни работи кои го следат новинарството. .  Мислам дека ќе го прифатам предизвикот, секогаш се надеваме на подобро утре, ако не размислуаваме така, како ќе живееме?  Можеби некои работи ќе се сменат на подобро.

Јована: Јас не знам дали ќе се занимавам со новинарство, размислувам и за други професии. Сега ми е ова интересно, за понатаму ќе видиме.

Strugaonline: До сега сте имале можност да посетите телевизија, еве денес сте во радио. Колку сте свесни за разликата помеѓу теоријата и праксата? Колку тоа што сте го виделе се вклопува со вашата изградена слика за новинарството. Што ве бодри, а што разочарува?

Анастасија: Сме биле и во други радија, во телевизии, во посета на новинари. Имам впечаток дека  во одредени медиуми нема добри услови за работа. Сметам дека тоа се многу отежнувачки околности за еден новинар.

Јована: Јас мислам дека новинарите не се доволно заштитени. Кога одиме на посети ни велат дека тие не завршиле новинарство.  По некоја случајност се вработиле и со тек на време го печат занаетот. Поради такви случаи многу новинари не можат да најдат работа. Мислам дека тоа треба да се промени.

Facebook Коментари