Лев банер Десен банер

Вчера „BAH & FRIENDS“ ја разигра Струга – Вечер исполнета со танц, музика, емоции и пријателство

Струга уште еднаш покажа дека танцот е многу повеќе од уметност – тој е начин на изразување, љубов, заедништво и пријателство. Во преполната сала на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, вчера, 1 ноември се одржа концертот „BAH & FRIENDS“, во организација на Студиото за танц БАХ, кој на публиката ѝ приреди вечер исполнета со музика, танц и незаборавни емоции.

Членовите на Студиото за танц БАХ, од најмладите танчери до поискусните изведувачи, со своите кореографии ја покажаа посветеноста, талентот и љубовта кон танцот, а секој настап беше проследен со аплаузи и позитивни реакции од публиката.

Посебна музичка атмосфера донесе специјалниот гостин Лозано, кој заедно со Баховките ја крена публиката на нозе и приреди вистинска музичка еуфорија. Свои настапи имаше и Ана Стојановска, која внесе дополнителна емоција во програмата.

Танцовата програма беше збогатена и со гостувањето на Dance Team Fusion од Куманово, чии изведби ја воодушевија публиката со енергијата и танцовата умешност.

Еден од највпечатливите моменти на вечерта беше заедничкиот настап на КУД „Дримкол“ од Вевчани и Студиото за танц БАХ. Преку спојот на традиционалните фолклорни елементи и современиот танц, двете групи создадоа уникатна сценска приказна, покажувајќи дека традицијата и модерната уметност можат да се надополнуваат и да создаваат посебни уметнички доживувања.

„BAH & FRIENDS“ беше многу повеќе од обичен концерт. Настанот ја испрати пораката дека преку танцот се создаваат пријателства, се градат заеднички спомени и се поврзуваат луѓето, без разлика на возраста и местото од кое доаѓаат.

Преполната сала, долгите аплаузи и позитивните реакции на посетителите беа потврда за успешната реализација на настанот, кој остави силен впечаток кај присутните.

Од Студиото за танц „БАХ“ упатија благодарност до сите гости, соработници, пријатели, родители и посетители кои беа дел од оваа посебна вечер, нагласувајќи дека најголемата вредност на ваквите настани се луѓето, љубовта и пријателствата што се создаваат преку уметноста.

Со „BAH & FRIENDS“, Струга доби уште една вечер за паметење – вечер во која танцот, музиката и пријателството беа главните ѕвезди на сцената.

StrugaOnline

error: