Алушовски: Ќе играме без притисок, мотивирани и ќе бараме шанса за бодови

- Спорт
464

Екипата на Вардар се пласираше во осмина-финалето на ЕХФ лигата на шампионите. Остануваат уште две кола до крај на групната фаза, и викендов Вардар гостува кај Порто во Португалија. Средбата е закажана за во сабота (16 часот), дуел што е особено важен и за двете екипи за избегнување на 6. место на табелата. Порто бара бодови за потврда на осмина-финалето, а Вардар за можност за зацрвстување на ова петто место, па и шанса за место погоре ако се поклопат коцките од другите натпревари.

На првиот дуел сезонава во Скопје во септември Вардар победи со 32-27, а гостите тогаш покажаа дека ќе бидат „тврд орев” за секого во групата. Во однос на тој меч сега во нашиот тим ќе ги нема Кристијан Дисингер, Павел Атман и Даинис Криштопанс. Иван Чупиќ на таа средба постигна седум гола, исто колку и Криштопанс.

„Победата против Мотор во претходното коло ја подигна атмосферата во тимот. Сепак не треба тој резултат да ни дава преголеми оптимистички очекувања. Реално гледаме на ситуацијата. Порто е фаворит сега на дуелот, а ние одиме без притисок и со единствена мисла – да играме, да се натпреваруваме и секако да ги искористиме шансите. Се обидуваме да не мислиме на проблемите, но најголем е тој што немаме довлно играчи за ротација, па ќе мораме да се потпреме на она што го имаме во моментов. Знам дека сите ќе се борат до крај, нема предавање – напротив ќе гледаме да бидеме на ниво со кое ќе можеме да се носиме со домаќинот”, вели Стефче Алушовски, тренерот на Вардар.

Според пропозициите во осмина-финалето на ЕХФ одат првите шест екипи од секоја група. Првопласираните од А и Б групите се пласираат директно во четврт-финалето а другите разигруваат за место.

Во осмина-финалето влегуваат и победниците од плејоф средбите од послабите групи Ц и Д. Тие играат со второпласираните од А и Б групата.
Другите разигруваат по принципот: А3 – Б6, А4 -Б5. Победниците ќе играат во четврт-финалето.

Извор и фото: РК Вардар

Facebook Коментари