Семир Гициќ и Ивана Наскова: Стружани ќе уживаат во добар и квалитетен хумор

- Интервју, Локални
1144

Утре во Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга гостуваат Семир Гициќ и Ивана Наскова, стенд-ап комичари кои сосема различни во својот актерски израз, ќе направат спој на своите способности со една цел- да ја насмеат публиката во Струга. Станува збор за безконцептуален стенд-ап, по својата содржина различен од сите други видови на стенд-ап комедија на кои сме навикнати. Токму за различноста  и сериозните човекови особини прикажани на комечен начин, со Наскова и Гициќ зборувавме во студиото на Play radio, во рамки на емисијата Play cafe.

Play radio: Teмата на Вашиот стенд-ап е „Неподносливи сорти на луѓе“, што тоа конкретно значи?

Семир Гициќ: Тоа значи дека како психолог правев анализи на луѓето со кои секојдневно се сретнуваме почнувајќи од нашето семејство, фамилијата, пријателите од работа…..тоа се луѓе кои понекогаш не’ нервираат и не можеме да ги поднесеме.  Така, на луѓето им давам имиња кои не постојат во ниту еден речник и на ниту еден јазик. „Имам“ шеесет сорти на луѓе и за секоја од нив анализирам по една минута. Тоа се всушност луѓето кои не ги поднесувам, но ги сакам бидејќи ме инспирираат. И јас самиот спаѓам во некоја од тие сорти , знам да се шегувам на своја сметка, на сметка на мајка ми, брат ми, на моите пријатели и слично. Публиката се препознава во тие сорти.

Play radio: Во станд-ап шоуто претставувате еден нов вид на комичност на кој публиката и не е многу навикната. Во Вашите настапи нема како што велите, саркастични метафори, пцовки, играње и пеење. Како се развиваше кај Вас таа различност од стенд-ап комичарите на кои сме навикнати и колку публиката знае да ја увиди разликата?

Семир Гициќ: Публиката веднаш ја чувствува разликата, јас сум актер кој има свој фестивал, иако сум млад направен е фестивал од сите мои претстави, така разни театри од Србија доаѓаа и ги играа само моите текстови.Публиката гледаше различни видови на комедија, една ден комерцијална комедија, друг ден комедија на апсурдот, трет ден концепт со песни итн. Од публиката ми велат дека нивниот впечаток е како секој ден да гледале претстава од различен автор, но , сето тоа сум јас. Така е и со стенд-апот.

Play radio: Ивана, како дојде соработката со Семир и како одлучивте да бидете првата дама во Македонија која е стенд-ап комичар?

Ивана Наскова: Посебно ми е драго што сум гостина на Семир, исто така, многу сум благодарна на „Златен заб“-продукција и на Марија, која не’ спои Семир и мене иако сме многу различни во изразување на хуморот. Влегувањето во стенд-ап комедијата дојде природно бидејќи сум таков карактер, сакам да се шегувам и да се смеам, а и моите радио и тв емисии беа забавни и смешни.

Play radio: Колку во Македонија публиката знае да прифати дама стенд-ап комичар?

Ивана Наскова: Беше тешко, имаше мои блиски луѓе кои не го прифаќаа тоа, но имаше и луѓе кои ме поддржува, но најважно е човек да биде задоволен со самиот себе. Работам чесно, кога ќе се погледнам во огледало во ред сум со себе , а тоа е многу поважно од мислењето на другите. Мислам дека луѓето полека почнаа да се навикнуваат на мојот хумор.

Play radio: Колку стенд-ап комичарите можат да живеат добро на Балканот? Се заработува ли доволно за еден пристоен живот?

Семир Гициќ: Kриза е во сите сфери откако се распадна Југославија, се намали пазарот и секој има свои актери и така имаме малку градови за да гостуваме. И покрај таквата ситуација сметам дека ако човек се труди и работи квалитетно, може да се заработи. Луѓето во многу професии често се навикнати да се жалат, но не би требало да биде така, важно е човек да се бори.

Play radio: Ивана, освен стенд-ап комичар, Вие сте и автор на книги, посебно во последно време е актуелна втората книга „Вети, ќе ме сакаш“ од чија содржина читателите се навистина трогнати, што значи дека имате и една друга страна од личноста која освен да насмее, знае и да расплаче.

Ивана Наскова: Kaко и секој човек, имам повеќе карактери во себе, само најдов начин секоја Ивана во мене, да излезе на површина на вистински начин. Кога ја издадов првата книга сите прашуваа дали е смешна, а воопшто не беше смешна, а втората книга дури и нема среќни моменти. Постојано добивам пораки од читатели кои се растажиле и биле длабоко допрени. Таа книга ја напишав во еден од најтешките периоди од мојот живот, да не беше таа книга немаше да бидам таа Ивана што сум сега. Читателите забележаа и почувствуваа колку сум искрена во таа книга и дадов се од себе во неа. Стенд-апот е нешто сосема друго, тоа е една смешна Ивана, иако хуморот е еден од начините како човек да се заштити себе од тоа што го боли. Што и да работам, најважна ми е енергијата која ја разменувам со публиката. Убава енергија ќе има и утревечер со струшката публика.

Семир Гициќ: Ги повикуваме сите да дојдат, ветуваме забавно шоу во кое ќе се смеете. Нудиме добар и квалитетен хумор за публиката.

Извор: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари