Лев банер Десен банер

Пролетен Младински Шаховски Фестивал „Езерска Кралица 2026“ на 10 мај во Струга

На 10 мај 2026 година (недела), во просториите на ПУ Јахја Кемал Струга ќе се одржи четвртото издание на Пролетниот младински шаховски фестивал „Езерска Кралица 2026“, настан кој веќе прераснува во традиција и привлекува млади шахисти од земјава и регионот.

Фестивалот е во организација на Младинската шаховска школа Струга, со главна цел да го промовира шахот како спорт што поттикнува стратегиско размислување, концентрација и дух на фер-плеј. Според најавите, се очекува учество на голем број натпреварувачи од различни возрасни категории и шаховски нивоа, а турнирите ќе се одвиваат според швајцарски систем.

Годинава, фестивалот носи новина со организација на два одделни турнири. Првиот е класичен шаховски турнир, наменет за деца до 16 години (родени 2010 година и помлади), додека вториот, под наслов „Математика со шах“, е наменет за ученици од прво до деветто одделение. Овој иновативен пристап претставува обид за поврзување на логичкото размислување од шахот со математиката.

„Ова е уникатен турнир кој се организира за прв пат и, доколку има интерес, ќе продолжи и во иднина“, изјави Ѓоко Котески од Младинската шаховска школа Струга.

Регистрацијата на учесниците ќе започне во 09:00 часот на денот на одржување на настанот, во просториите на училиштето.

Организаторите упатуваат јавен повик до сите љубители на шахот, медиумите и граѓаните да присуствуваат и да го поддржат овој младински спортски настан. Настанот е поддржан од: ПУ Јахја Кемал Струга, Сојузот на Математичари на Македонија, Федерацијата на училишен спорт на Македонија, Здружението Граѓански интегритет Охрид, како и од Општините Струга и Охрид.

За дополнителни информации, заинтересираните можат да се обратат на: kgjoko@yahoo.com или на 077-897-218.

StrugaOnline

error: