Совршен викенд за ЖРК Струга – Пионерките непоразени во Скопје, сениорките го добија градското дерби
Одличен викенд зад себе имаат ракометарките на ЖРК „Струга“, кои забележаа позитивни резултати во двете конкуренции. Пионерките се вратија непоразени од гостувањето во Скопје, додека сениорската екипа го доби првото историско градско дерби против Стружанка.
Пионерките на ЖРК „Струга“ одиграа нерешено 21:21 на гостувањето против екипата на „Илинден Вардар“ во Скопје, со што продолжија со добрите настапи во младинската конкуренција.
Најефикасна во составот на стружанки беше Елена Ѓонеска со 7 погодоци. Деспина Чакар постигна 4 гола, Мила Илоска 3, додека Јоана Куцуноска, Евгенија Димоска и Ива Крстаноска се запишаа во листата на стрелците со по 2 погодоци.
Посебно внимание привлече и настапот на сениорската екипа, која го доби првото градско дерби во историјата на женската прволигашка конкуренција во Струга. Новиот прволигаш Струга славеше против градскиот ривал Стружанка со 25:18, во натпревар од шестото коло.
Дербито донесе неизвесно прво полувреме, во кое Стружанка во неколку наврати имаше предност од три гола, а на паузата замина со водство од 10:9.
Сепак, во вториот дел следуваше пресврт. Струга го презеде водството, направи серија со која се одлепи на 14:11, а десет минути пред крајот веќе имаше убедлива предност од седум гола (21:14). До последниот свиреж стружанки ја задржаа контролата и стигнаа до заслужена победа од 25:18.
Симоноска со осум погодоци беше најефикасна во победничкиот состав, додека кај Стружанка најпрецизна беше Раткишуноска со шест гола.
Со овој триумф Струга освои важни бодови и се наоѓа на втората позиција на прволигашката табела со осум бодови, колку што има и Гевгелија Југ, додека лидер е Овче Поле СУ со десет бодови.
StrugaOnline

