Лев банер Десен банер

Триатлон клубот „3 дисциплини“ Струга супериорни на Балканското првенство во дуатлон во Подгорица

Викендов, на 15 март 2026 година, во Подгорица, Република Црна Гора, се одржа Балканското првенство во дуатлон за сите категории, на кое настапија и претставници од Македонија. Иако со намален состав, членовите на Триатлон клубот „3 дисциплини“ повторно покажаа борбеност, упорност и силен натпреварувачки дух.

Поради сезонски грипови и алергии кај дел од најдобрите спортисти, клубот не успеа да настапи во полн состав. Сепак, малата, но квалитетна екипа која отпатува во Подгорица достојно ја претстави Македонија и се избори да се прикаже во најдобро можно светло.

И покрај дилемите дали воопшто да се настапи на ова натпреварување поради здравствената состојба, спортистите решија да излезат на стартот и да го дадат максимумот. Токму истрајноста и борбеноста, по кои овие млади спортисти се препознатливи, ги доведоа до одлични резултати и пласмани.

Дел од натпреварувачите успеаја да се искачат на пиедесталот, додека некои останаа без медал за само една или две секунди, што дополнително говори за силната конкуренција на Балканското првенство.

Резултати на Триатлон клубот „3 дисциплини“:

Деца 1
Игнатиј Милески – 4. место

Деца 2
Јован Кутаноски – Балкански првак во дуатлон
Христијан Нически – 4. место
Софија Кутаноска – 3. место
Стефанија Кутаноска – 4. место
Дарија Магдис – 6. место

Кадети
Керем Куртис – 14. место

Јуниори
Матео Мачоски – 6. место во својата категорија,

26. место во генерален пласман од вкупно 80 натпреварувачи.

Тренерот на клубот, Никола Кутаноски, истакна дека е горд на своите спортисти и нивната борбеност.

„Иако имавме дилеми дали воопшто да отпатуваме на првенството поради сезонскиот грип кој ги зафати и дел од децата што настапија, сепак решивме да излеземе на стартот. Токму истрајноста и борбеноста, по кои се препознатливи нашите деца, повторно дојдоа до израз. Некои од нив се искачија на пиедесталот, а дел останаа без медал за само секунда или две, но и тоа е дел од спортот и силна мотивација за следните настапи“, изјави за strugaonline Кутаноски.

Од клубот најавуваат дека веќе започнуваат подготовки за следниот голем натпревар кој ги очекува за околу еден месец, каде повторно ќе се обидат да ги потврдат своите квалитети и да ја претстават Македонија на најдобар можен начин.

StrugaOnline

error: