Ана и Георгина: Со „Сончева клупа“ ќе влијаеме алтернативните извори на енергија да се користат масовно

- Интервју, Локални
295

СОУ ‘„Нико Нестор” повторно меѓу најдобрите. Од вкупно педесет апликанти кои имаа задача да понудат иновативно решение за намалување на аерозагадувањето, учениците Ана Наумоска, Георгина Ристеска, Борче Настески, Димитар Мареноски и Петар Кицески под менторство на професорката Светлана Ѓуроска беа избрани во најдобрите десет и присуствуваа на тридневна работилница за социјално претприемништвото на која ги развиваа своите иновативни решенија за намалување на загадувањето на воздухот.Идејата на претставниците од  Струга беше Сончева Клупа или Sunny Bench, а што претставува истата во студиото на Play radio објаснија Ана Наумоска и Георгина Ристеска.

Play radio: Најпрво да позборуваме за самиот настан и идејата да учествувате со вашите соученици. Чија беше иницијативата и кои ви беа очекувањата?

Георгина Ристеска: Идејата да учествуваме на овој настан беше поттикната од нашата професорка. Нашето училиште доби покана да учествува на тридневна работилница за социјално претприемништо на која ние учениците имавме задача да понудиме иновативно решение за намалување на загадувањето на воздухот. Иницијативата да ја изработиме токму оваа сончева клупа беше поттикната од учениците од електротехничката струка кои учествуваа на еден проект во Швајцарија, па таму за прв пат имаа можност да видат такви сончеви клупи поставени во парковите, и од таму доаѓа и нашата идеја.

Play radio: За сите ние што сме лаици на оваа тема, што е поточно „Сончева клупа “ и која ќе биде нејзината функција на долгорочно ниво?

Aна Наумоска: Сончевата клупа е иновативно решение за намалување на аеро загадувањето. Истата е составена од железната конструкција на самата клупа на која се поставени два соларни панели. Тие ја акумулираат сончевата енергија која понатаму преку инвертерот се претвора во енергија компатибилна за напојување на мобилни уреди и се спроведува до 6 УСБ порти на клупата, подготвена за користење. Дел од енерггијата се спроведува и до една лед светилка која е поставена на самата клупа со цел да го осветли просторот.
Нејзината функција всушност не е директно намалување на загадувањето, што впрочем и не може да се случи  преку ноќ, туку зголемување на свеста кај луѓето за искористување на алтернативните извори на енергија. Сончевата клупа, ќе биде само еден мал поттик со кој ќе покажеме дека соларната енергија може масовно да се користи и со тоа да помогне да се намали загадувањето.

Play radio:  Kako течеше процесот на подготовки и вашата соработка со професорката Светлана Ѓуроска?  Какви беа рекациите кога ја добивте информацијата дека сте избрани во најдобрите десет?

Георгина Ристеска: На самиот почеток секој од нас имаше задача да даде идеја, па понатаму од сите тие идеи, нашиот тим заедно со професорката избра една и со таа идеја аплициравме. Кога ја добивме информацијата дека сме избрани во најдобрите 10 од вкупно педесет апликанти чувството беше неописливо. Бевме среќни, а воедно и возбудени, знаевме дека не’ чека многу работа, дека треба целосно да се вложиме за да ја постигнеме нашата цел.

Play radio: Целта на проектот е да се најде решение за аерозагадувањето, истото да се спречи и да се разбуди свеста кај луѓето на оваа тема. Сметате ли дека преку овој проект ќе успеете во тоа?

Aна Наумоска: Да, како што рековме и претходно, преку нашето решение ние ќе влијаеме најпрво кај учениците и професорите, а потоа и кај останатите граѓани и сите општествени чинители во насока алтернативните извори на енергија да се искористуваат што помасовно, бидејќи така, ќе се намали прво побарувачката, а со тоа и производството на електрична енергија во термоцентралите ширум земјава кои со својата работа драстично го загадуваат воздухот.

Овој концепт е многу флексибилен што значи дека неговата примена е широка. Истиот може да се прилагоди на тој начин што и целото улично осветлување би се напојувало со соларна енергија, домаќинствата, институциите и сите останати општествени сфери.

Веруваме дека со нашата идеја ние ќе ги прошириме видиците на нашите врсници, но и повозрасните и ќе го дадеме нашиот удел во справувањето со еден од најголемите проблеми на денешницата, токму загадувањето.

Play radio: Вие сте доказ дека младината не е сведена само на социјални мрежи и пасивност, имаме млади луѓе кои размислуваат во насока на доброто на општеството. Има ли образовниот систем во земјава механизми да ве насочи кон ваше постојано надоградување и постигнување високи цели?

Aна Наумоска: И формалниот и неформалниот дел од нашето образование е исполнет со начини и механизми за младите да може постојано да се надоградуваат, да учат, да стекнуваат искуства, да ги продлабочат своите видици и да стекнуваат пријатели.

Она на што треба да се поработи е продлабочувањето на свеста кај младите во насока, повеќе да се вклучуваат и да минуваат време правејќи активности кои ќе бидат корисни и за нив лично и за општеството како целина, да знаат ваквите можности да ги искористат.

Извор и фото: Play radio

Strugaonline

Facebook Коментари