Анѓушев во Струга: Владата активно работи на енергетската транзиција и на зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори

- Локални, Македонија
142

Енергетската транзиција не е само тренд, таа претставува реалност и потреба, а секоја земја поединечно, но и сите земји од регионот заедно треба да спроведуваат активности во насока на побрза реализација за истата, во интерес на стопанството и граѓаните, истакна вицепремиерот за економски прашања д-р Кочо Анѓушев говорејќи на панелот „Енергетската транзиција во светот и регионални предизвици во пристапувањето кон глобалниот тренд“, во рамките на „Вториот македонски енергетски форум“ кој денес и утре се одржува во хотел Изгрев во Струга.

Вицепремиерот нагласи дека во периодот помеѓу двата форуми, Владата на Република Северна Македонија спроведе повеќе активности со кои реформите во енергетскиот сектор, кои беа забавени, значително се забрзаа и се овозможи реализација на повеќе проекти во енергетиката со цел да се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори. Тој додаде дека и преку Законот за енергетика, усвоен во мај 2018 година и преку Стратегијата за енергетика, која е во фаза на подготовка и ќе ги опфати наредните 20 години, силно се поддржува транзиција од конвенционално производство на електрична енергија кон еколошко производство, односно зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.

„Преку Законот за енергетика и воведувањето на „Премиум“ се овозможува изградба, а со тоа и значително зголемување на производство на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето, ресурс кој Северна Македонија го има во изобилство. Наскоро ќе биде објавен првиот јавен повик за изградба на фотоволтаични централи со вкупна инсталирана моќност од 62 MW, од кои 35 MW ќе бидат на државно земјиште и 27 MW на приватно земјиште. Владата максимално ќе им помогне на инвеститорите кои на јавниот повик ќе бидат избрани за изградба на фотоволтаични централи на државно земјиште, со уредување на градежното земјиште, асистирање во административните постапки и асистирање за обезбедување на приклучок кон дистрибутивната мрежа, со што ќе се забрза процесот на изградба. Во наредниот период ќе бидат изградени фотонапонски електрани со инсталирана моќност од вкупно 200 MW, а доколку се земат во предвид и ветерните електрани, малите хидро електрани и други видови на обновливи извори, вкупната инсталирана моќност се очекува да достигне до 350 MW, што е значително повеќе од она што во моментов располага Република Северна Македонија“, подвлече Анѓушев.

Покрај заменикот претседател на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев, на панелот зборуваа и г. Јанез Копач, директор на Секретаријатот на Енергетската заедница, г. Џавид Зариќи, заменик министер за економски развој на Република Косово и г. Марко Радуловиќ, генерален директор во Директоратот за енергетска ефикасност во Министерството за економија на Црна Гора.

Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач, истакна дека е задоволен од реформите кои се спроведуваат во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и подвлече дека нашата земја е една од најактивните во последниот период во ова поле. Тој додаде дека процесот на декарбонизација во земјите на Европската Унија активно се спроведува и дека сите земји треба да го следат тој тренд.

„Создаваме иднина за наредните генерации, оние земји кои го спроведуваат процесот на декарбонизација во иднина ќе се сметаат за развиени земји, додека оние кои тоа не го прават, ќе се сметаат за помалку развиени“, рече Копач.

Заменикот министер за економски развој на Република Косово, Џавид Зариќи, нагласи дека Владата на оваа земја исто така е посветена на енергетската транзиција која ќе се спроведува преку рехабилитација и модернизирање на постоечките енергетски капацитети, изградба на нови еколошки прифатливи капацитети и со подигнување на енергетската ефикасност. Тој подвлече дека Владата на Косово има донесено одлука за изградба на нова електрична термо централа,  „Ново Косово“, која ќе произведува електрична енергија во согласност со еколошките стандарди, инвестиција од 1,3 милијарди евра, како и одлука за рехабилитација и модернизација на термо електраната „Косово Б“, инвестиција од околу 300 милиони евра.

Претставникот на Министерството за економија на Црна Гора, г. Марко Радуловиќ, подвлече дека Владата на оваа земја вложува големи средства во енергетската ефикасност, а нагласи дека очекува до крајот на 2019 година, дури 61% од вкупната произведена електрична енергија да биде од обновливи извори, од кои над 50% од хидро електрани.

Strugaonline

Facebook Коментари