„Бранувања“ по 21. пат – Струга ќе биде домаќин на свечена книжевна промоција и доделување награди
Здружението за литература и култура „БРАН 2010“ – Струга, во соработка со манифестацијата „Струшки книжевни средби“, најавува свечена промоција на јубилејниот 21. број на списанието за литература и култура „Бранувања“.
Настанот ќе се одржи на 20 септември (недела), со почеток во 12 часот, во Конгресната сала на хотел „Дрим“ во Струга.
Свечената програма ќе започне со уметнички настап на Студиото за танц „Бах“ од Струга, по што застапените автори во најновиот број на списанието ќе ги претстават своите поетски творби.
Во рамките на настанот ќе бидат доделени и годишните и јубилејните награди. Наградата за автор на годината на „Македонска поетска ризница“ ќе му припадне на Ана Бунтеска, додека наградата за животно дело од областа на културата, литературата и новинарството ќе ја добие Веле Митановски.
За животно дело од областа на драматургијата е избран Ристе Миладин, а признанието за млади автори на годината на „Македонска поетска ризница“ ќе им биде доделено на Магдалена Петровска и Евгенија Пешинска.
Како странски автор на годината за посебен придонес во културата е избран Валерио Орлик од Хрватска.
Организаторите упатуваат покана до љубителите на литературата и културата да бидат дел од оваа книжевна средба, посветена на творештвото, поезијата и афирмацијата на авторите.
StrugaOnline

