ЦЈЗ Охрид: Параметрите на водата за пиење се во граници на законски пропишаните вредности

- Локални
133

По синоќешниот дефект во водоводната мрежа поради пукната цевка на пресекот од булевар „Туристичка“ со улицата „АСНОМ“, времено беше забрането да се пие и користи за миење водата од централниот систем за водоснабдување.

По интервенцијата на екипите на ЈП „Водовод“ за отстранување на дефектот и почетокот на дистрибуцијата на вода, во некои делови од градот, по кажувања на жители, забележано е течење на заматена вода од чешмите.

– Екипите на Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) од Охрид од раните утрински часови, денес, се упатија на терен со цел да се земат примероци на вода за пиење од градската водоводна мрежа на места во непосредна близина на случениот дефект и во пошироката околина. Од првичните физичко-хемиски анализи на земените примероци на вода за пиење констатирано е дека сите испитувани параметри се во границите на законски пропишаните, дозволени вредности, вклучително и за параметарот матност. Во сите примероци констатирано е присуство на дезинфекционо средство (резидуален хлор) што дополнително ја зголемува сигурноста и превенцијата на водата од микробиолошко загадување. Резултатите од комплетната физичко-хемиска и микробиолошка анализа на земените примероци на вода ќе бидат готови во петок, 26-ти јануари 2024 година, информираат од ЦЈЗ Охрид.

Додаваат дека бидејќи екипите на ЈП „Водовод“ се’ уште работат на санирање на последиците од дефектот на главната водоводна цевка, нашите екипи ќе продолжат континуирано да ја следат состојбата со квалитетот на водата во Охрид, со посебен фокус на мониторирање на параметарот матност и навремено ќе ја известуваат јавноста во случај на отстапувања на квалитетот на водата за пиење.

– Апелираме до нашите сограѓани, во вакви и слични ситуации, кога ќе забележат заматеност на водата за пиење од чешмите, да не ја користат истата за пиење, се додека, после течење од 5-10 минути водата не се избистри. Доколку, после тој период на течење, водата од чешмата е сеуште матна, да не ја користат за пиење и да се обратат до ЈП Водовод Охрид или ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид, потенцираат од ЦЈЗ Охрид.

Strugaonline

Facebook Коментари