Ден на лица со попреченост-„Порака Нова“ ја спроведува кампањата „Мојот успех“

- Локални
1278

3-ти декември се одбележува како Меѓународен ден на лицата со посебни потреби. Овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.

Гласникот за потребите на овие лица во Струга е Центарот за интелектуална попреченост „Порака Нова“. По повод деншениот ден, тие ја претставија кампањата „Мојот успех“ преку која покажуваат дека лицата со попреченост имаат свои таленти, мечти, успеси, надежи кои лесно можат да се остварат доколку општеството е отворено за нивното дејствување и свесно за нивното постоење.

Како претседател на Здружението за глуви и наглуви Струга се залагам за целосна инклузија на лицата со оштетен слух и говор. – вели Боре Стојаноски⁠

Претседател сум на Советот на самозастапувачи во Порака Нова, и се залагам за остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост. –  нагласува Јован Наумоски⁠

Мојата љубов кон театарот ја покажав на дело преку изведбата на театарските претстави „Струга во куферот на јагулата“ и „Јованче и Марика“, а глумев и во интернационален краткометражен аматерски филм “Focus! Clinic”. –  истакна Јасмина Блажеска⁠.

Благодарение на моите комуникациски способности, продажбата на списанието Лице в Лице расте од ден во ден. – вели Игор Шајноски⁠

Како капитен на кошаркарската екипа од Порака Нова, освоивме второ место и сребрен медал на државниот натпревар во кошарка на Специјалната Олимпијада на Македонија. – Бране Гајиќ⁠
⁠Се гордеам со моите две титули за убавина: Мис Глува Девојка на Република Македонија за 2016/2017 година и Прва Придружничка на Мис Глува Девојка на Светот. – вели во оваа кампања Марија Пупоска⁠.

Кампањата „Мојот успех“, „Порака Нова“ ја спроведува во соработка со здружението на глуви и наглуви од Струга.

„Во изминативе петнаесет години, откако работам во Порака нова“ можам да кажам дека има значителен напредок во поглед на поддршката на лицата со попреченост од страна на невладиниот сектор. Има многу здруженија кои работат на заштита на правата на лицата со попреченост. Но она што се бара од здруженијата и семејствата на лицата со попреченост се значителни системски измени во поглед на целокупната поддршка на лицата со попреченост. Кога велам системски промени, мислам на закони, институции, надоместоци, кадар и се останато што треба да биде спроведено во земјава, а ќе им служи активно и функционално на лицата со попреченост и нивните семејства, а тоа да не бидат само закони на хартија – изјави за Strugaonline и Play radio, Aнита Гагоска генерален секретар на ЦЛП ,,Порака нова”.

Денеска, во „Порака Нова“ штитениците и вработените ќе гледаат филм на тема „попреченост“.

Strugaonline

 

Facebook Коментари