Денеска се навршуваат 158 години од смртта на Димитар Миладинов

- Локални
781

На денешен ден-1862 година,во Цариградските зандани,згасна животот на Димитар Миладинов.

Миладинов бил македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист, собирач на народни умотворби, основач на македонската етнографија. Неговата поезија е со изразит лирски темперамент, а неговото творештво се состои од неколку лирски целини. Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против денационализаторството, пенхелизмот и политиката на грчката влада на македонските подрачја.

Роден е во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова. Основно училиште завршил во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, Грција (1833 – 1836).

Во периодот помеѓу 1836 – 1839 година, работи како учител во Охрид, но поради грчкиот владика е принуден да го напушти училиштето. Потоа учителствува и во Струга (1839 – 1840), Кукуш (1840 – 1842) и повторно во Охрид (1842 – 1845) и Струга во 1846 година. Подоцна доаѓа и како учител во селото Магарево, Битолско (1849 – 1852) и во грчко училиште во Битола (1852 – 1854).

Во училиштето во Охрид, Димитар Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник (наречен “„Бугарски народни песни“” зашто имало песни и од Бугарија). Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов. Тој ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет “Халки” во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македонија, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Димитар Миладинов, кој бил целосно прословенски ориентиран, често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ја напуштил Битола и Македонија. Во Сремски Карловци и Нови Сад имал прилика да се запознае со животот на Србите под австро-унгарска власт, каде уживале потполна културна автономија. Подоцна заминал во Белград. При престојот во овие краишта, тој се запознал со идеите на панславизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои.

При крајот на 1856 година, Димитар Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.

На 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци, насловен како “Бѫлгарски народни песни”, дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 бугарски (отстапени од бугарскиот фолклорист Васили Д. Чолаков).

Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под досега неразјаснети околности.

Facebook Коментари