Финскиот пијанист Мустонен со концерт на „Охридско лето“

- Локални
61

Во рамките на традиционалната Вечер на Европската унија што се одржува на фестивалот „Охридско лето“, вечерва со почеток во 21 часот во црквата „Света Софија“ ќе се одржи концерт на финскиот пијанист Оли Мустонен.

Овој големуметник, виртуоз на пијано, започнува да учи пијано на само 5-годишна возраст, а негов учител бил еминентниот пијанист Ралф Готони. Само две години подоцна, започнува да учи композиција со еден од најпознатите фински автори на современа музика Еинојухани Рутаваара.

Како и неговиот сонародник Еса Пека Салонен, Оли Мустонен во светот е познат по неговите врвни интерпретации на пијаното, додека пак во родната Финска е многу ценет како композитор. Мустонен исто така е ангажиран и како диригент на Фестивалскиот оркестар во Хелсинки кој самиот го основа. Покрај тоа го предводи оркестарот Тапиола Симфониета и е уметнички директор на Музичкиот фестивал во градот Турку. Во 1991 година потпишува ексклузивен договор со издавачката куќа Дека за која снима ЦД со Прелудиуми од Шостакович и Алкан, издание кое е наградено од страна на списанието Грамофон за Најдобра инструментална изведба. Голем број од снимените материјали на Мустонен ги издава финската компанија „Ондине“. Како инструменталист е особено активен на концертните подиуми во Европа и Австралија, а композиторот Родион Шчедрин му го посветува Концертот за пијано и оркестар бр. 5

Издавачката куќа „Шот“ ги издава композициите на Мустонен, неговата Токата за пијано, гудачки квартет и контрабас  од 1989 година го позиционира на композиторската сцена,  по што тој пишува Три Мистерии за оркестар (2003), неколку концертни дела, дела за соло пијано и повеќе композиции за виолончело. На камерната сцена соработува со виолончелистите Стивен Исерлис и Данијел Милер Шот особено за изведбите на авторските дела. Неговата прва симфонија „Тури“ е порачка на Филхармонијата од Хелсинки, а веднаш по премиерата на делото во 2012 година, оркестарот бара од Мустонен да напише уште едно симфониско дело.

StrugaOnline

Facebook Коментари