Националната опера и балет ја носи „Либертанго“ на сцената „Долни Сарај“

- Локални
526

Музичко-сценската програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со балетската претстава „Либертанго“ што ќе ја изведе Националната опера и балет на Република Северна Македонија на сцената Долни Сарај.

„Либертанго“ на музика од Астор Пјацола е претстава која го покажува создавањето и патот на тангото. Уличен танц што го достигнува пиедесталот на светската танц-сцена. Танго или танцот на страста, желбата, љубомората, љубовта, привлекувањето… На почетокот на минатиот век во Аргентина често има прилив на емигранти од Европа, а најмногу од нив биле Италијанци и Шпанци. Аргентина е новата ветена земја, земја што им давала надеж на сиромашните Италијанци, емигранти кои во почетокот на 20 век тргнале да бараат подобар живот. Оваа приказна ни го покажува патот на италијанското семејство Пјацола.

Ќе настапат Александра Мијалкова во улогата на мајката на Пјацола, Васил Чичијашвили како татко на композиторот, Марија Кичевска Шокаровска која ја игра улогата на танго-танчерката Мариа Ниевес, Игор Веланоски како танго-танчер, Саша Евтимова која ќе ја одигра улогата на првата жена на Пјацола и Наташа Јосифовска како последната жена на композиторот.

Кореограф на претставата е Италијанската Сабрина Боско, режисер и либретист Наташа Поплавска, сценограф и костимограф еАлександар Ношпал.

Балетската уметност како најмлада сценска уметност  опстојува на македонските простори  веќе 70 години.

Според генералниот директор на Националната Опера и Балет, м-р Васо Ристов, денеска со посебен респект може да се осврнеме кон оваа гранка на уметноста која, како што вели, пред сѐ  ги асимилира  европските достигнувања во овој театарски жанр и која на основа на тие цивилизациски достигнувања ја создава својата автохтона балетска традиција.

-Балетот е жива уметничка форма и всушност силата на традицијата е во нејзиниот развиток. Благодарение на создадената традиција од претходните генерации, балетски дејци, ние денеска можеме да  го продолжиме  исконското верување и респект  што го носиме во себе кон македонскиот  балетски театар и одржувајќи ја класичната балетска традиција да се вивнеме во новиот јазик на модерниот балет, вели м-р Ристов.

StrugaOnline

Facebook Коментари