Лев банер Десен банер

Илјадници верници присуствуваа на свечената литија со моштите на Свети Георгиј низ улиците на Струга

Традиционалната литија со моштите и чудотворната икона на „Свети Георгиј Победоносец“ денеска се одржа низ улиците на Струга, привлекувајќи голем број верници и посетители кои учествуваа во чествувањето на големиот христијански празник.

Моштите на светителот беа донесени од манастирот во Рајчица и свечено пречекани во храмот „Свети Георгиј“ во Струга, каде верниците имаа можност да се поклонат и да запалат свеќа.

По вечерната богослужба, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј, во сослужение со митрополитот Тетовско-гостиварски Јосиф и свештенството од Дебарско-кичевската епархија, литијата тргна од дворот на црквата „Свети Георгиј“ и помина низ струшките улици, покрај кејот на реката Црн Дрим и низ старата чаршија, по што повторно се врати во црковниот двор.

Поворката беше предводена од церемонијално полициско возило, како симболично одбележување на Свети Георгиј како покровител на полициските и безбедносните сили. Особено внимание привлече и коњаникот облечен во римска воена облека, кој со палмова гранка во раката ја најавуваше процесијата.

Во литијата учествуваа млади облечени во стихари кои носеа црковни рипиди и бајраци, а чудотворната икона на Свети Георгиј ја носеа четворица угледни стружани. Дел од поворката беа и Градскиот дувачки оркестар од Скопје, оркестарот на ДСМУ „Тодор Скаловски-Тетоец“ од Струга, како и монаштвото од повеќе манастири на Македонската православна црква.

Годинава литијата беше збогатена и со настап на членовите на културно-уметничките друштва „Илинден“ од Струга и „Дримкол“ од Вевчани, облечени во автентични народни носии.

Посебна новина беше хуманитарниот карактер на настанот, при што собраните средства ќе бидат наменети за лица на кои им е потребна помош.

По завршувањето на литијата, во дворот на храмот беше организирана и културно-уметничка програма.

StrugaOnline

error: