ЈП Комунално Струга апелира: Концесионерите да ги одржуваат плажите – во спротивно ќе им се фактурира чистењето
Загрижувачка е состојбата на дел од плажите долж брегот на Охридско Езеро, каде се забележуваат големи количини пластични шишиња и разновиден комунален отпад. Овие простори, во најголем дел, се управувани од приватни лица – концесионери и закупци кои имаат обврска да се грижат за нивната редовна чистота и одржување.
Од ЈП Комунално Струга информираат дека нивните екипи континуирано се на терен и активно работат на чистење и одржување на крајбрежјето, со цел зачувување на животната средина и туристичкиот имиџ на регионот. Фотографиите објавени во јавноста, како што посочуваат, ја потврдуваат нивната постојана ангажираност и подготвеност да интервенираат таму каде што е неопходно.
Сепак, од претпријатието упатуваат јасно предупредување до сите управители на простори долж езерото – грижата за хигиената не смее да биде оставена на товар на јавното претпријатие доколку станува збор за плажи со кои стопанисуваат приватни субјекти.
„Ги повикуваме сите управители да се грижат максимално за чистотата и одржувањето на просторот што им е доверен. Во спротивно, секоја интервенција извршена од екипите на ЈП Комунално Струга ќе биде директно фактурирана на одговорните лица, согласно важечките прописи“, потенцираат од претпријатието.
Апелот доаѓа во пресрет на претстојната туристичка сезона, кога чистите и уредни плажи се од клучно значење за посетителите, но и за заштитата на природното богатство на регионот.
StrugaOnline

