ЈП Комунално Струга со кампања за подмирување на заостанатите долгови
Јавното претпријатие за комунални дејности „Комунално“ Струга започна кампања за подмирување на заостанатите обврски, апелирајќи до граѓаните и деловните субјекти навремено да ги регулираат своите долгови.
Од претпријатието потсетуваат дека одржувањето на чиста и уредена животна средина е резултат на секојдневната работа на комуналните работници, кои функционираат во сите временски услови – на дожд, студ и високи температури.
„Зад секоја чиста улица и уреден јавен простор стојат луѓе кои секојдневно вложуваат труд и посветеност. Редовното плаќање на обврските не е само законска должност, туку и одговорност кон заедницата во која живееме. Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанати долгови да ги подмират, а за да им излеземе во пресрет, овозможивме и плаќање на рати согласно утврдените процедури“, изјавуваат од ЈП Комунално Струга.
Крајниот рок за аплицирање за оваа можност е 6 април. Од претпријатието предупредуваат дека по истекот на рокот ќе следуваат конкретни мерки кон должниците, вклучително и иницирање на извршни постапки, согласно законската регулатива.
Надлежните ги повикуваат сите корисници да се обратат во канцелариите на претпријатието и навремено да ја решат оваа обврска.
StrugaOnline

