„Кога поезијата зборува“ – свечено одбележување на Светскиот ден на поезијата утре во Струга
Во организација на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга, утре (25 март 2026 година) со почеток во 12 часот во фоајето на установата ќе се одржи свеченоста „Кога поезијата зборува“, по повод Светскиот ден на поезијата.
Настанот ќе биде посветен на поетското творештво и убавината на пишаниот збор, при што присутните ќе имаат можност да уживаат во стихови од домашни и странски автори. Посебен акцент ќе биде ставен и на младите таленти, преку читање на лични наградени творби на ученици од општинските основни училишта во Струга.
Организаторите најавуваат богата и инспиративна програма, со која ќе се одбележи значењето на поезијата како универзален јазик на емоциите и културата. Настанот е отворен за јавноста и претставува можност за љубителите на литературата да бидат дел од едно поетско дружење.
StrugaOnline

