Ќура на средбата со ЏК „Дрим“ Струга: Општина Струга со силна поддршка за спортот
Поддршката на спортот останува еден од клучните приоритети на Општина Струга, порача градоначалникот Менди Ќура по средбата со претставници на Џудо клубот „Дрим“ од Струга.
На средбата се разговараше за досегашните успеси на клубот, но и за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното функционирање. Притоа беше нагласена значајната улога што спортските клубови ја имаат во развојот на младите, поттикнувањето на здрави животни навики и промоцијата на Струга на национално и меѓународно ниво.
Градоначалникот Ќура истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи активно да го поддржува спортот и спортските колективи.
„Општина Струга останува силен партнер на спортските клубови и ќе продолжи да вложува во нивниот развој“, нагласи тој.
Во тековната година, за поддршка на спортот се издвоени 4.000.000 денари, со најава дека оваа сума ќе биде дополнително зголемена во наредната година.
Дополнително, новата Програма и Правилник за спорт, усвоени на последната седница на Советот на Општина Струга, воспоставуваат систематска рамка за развој на спортот на локално ниво. Со овие документи се обезбедува континуирана и транспарентна поддршка за спортските клубови, се поттикнува организацијата на спортски настани и фестивали, а се отвораат и нови можности за афирмација на индивидуалните спортисти.
Од Општината потенцираат дека инвестициите во спортот се инвестиции во здраво, активно и успешно општество, и најавуваат дека ваквиот пристап ќе продолжи и во иднина.
StrugaOnline

