Ќура: Се сомневаме дека неколкудневниот прекин на водата во Октиси бил саботажа од поранешниот директор
Состојбата констатирана во Јавното претпријатие „ОКТИСИ” отвора сериозни сомнежи за начинот на кој со години било управувано со претпријатието, како и за одговорноста на лицата кои го раководеле.
Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, изјави дека Општината побарала внатрешна ревизија за да се утврди реалната состојба во претпријатието, а наодите, според него, се загрижувачки.
Претпријатието е основано во 2011 година за управување со водоснабдувањето, хигиената и јавните услуги во Октиси. Според наодите од ревизијата, од неговото основање претпријатието функционирало со само еден вработен – директорот Изет Абдоски.
Внатрешната ревизија констатирала низа сериозни неправилности, меѓу кои и фактот дека мандатот на директорот бил истечен, управувачките органи не функционирале, жиро-сметката на претпријатието била блокирана, додека документацијата и имотот не биле соодветно администрирани.
Претпријатието има околу 509 корисници, од кои само 321 редовно ги плаќаат сметките, додека годишните приходи од водата изнесуваат околу 1,5 милиони денари.
И покрај тоа, жителите на Октиси се соочија со недостиг на вода за пиење.
Градоначалникот Ќира отвори и особено сериозно прашање во врска со неколкудневниот прекин на водоснабдувањето во селото.
„Се сомневаме дека неколкудневниот прекин на водоснабдувањето во Октиси не бил обичен инцидент, туку можеби бил резултат на саботажа од страна на поранешниот директор на претпријатието, Ицет Абдоски. Токму затоа надлежните институции треба до крај да го истражат случајот и да утврдат одговорност”, изјави Ќура.
Градоначалникот нагласи дека овие сомнежи не треба да се сфатат како однапред утврдена кривична одговорност, туку дека фактите и околностите мора да бидат целосно испитани од надлежните институции.
Во меѓувреме, Општина Струга презеде конкретни мерки. Против поранешниот директор Изет Абдоски е поднесена кривична пријава, а за неговата правна одговорност ќе одлучуваат надлежните институции.
„Нема повеќе да дозволиме едно јавно претпријатие да функционира без контрола, додека последиците од лошото управување ги плаќаат граѓаните. Водата за пиење е право на жителите на Октиси и одговорноста за оваа јавна услуга мора да биде јасна”, истакна Ќура.
StrugaOnline

